3 домашни рецепти за ефикасно и темелно пролетно чистење на вашите теписи
Постои едно непишано правило дека теписите се чистат пролетно време, па можеби тоа е и причината зошто луѓето постојано ја одржуваат оваа навика. Но, во текот на годината, на нив можат да се насоберат голем број нечистотии и бактерии, па доколку сакате темелно да ги исчистите, отстранувајќи ја целосно нечистотијата, дамките и непријатните мириси, тогаш погледнете ги овие 3 природни средства за чистење кои со сигурност можат да ви помогнат во вашата цел. Пред да почнете со чистењето, не заборавајте да ги поминете прво со правосмукалка.
1. Средство за длабинско перење теписи
Потребни состојки:
- 100 грама сода бикарбона
- 10 капки етерично масло од кедар
- 10 капки етерично масло од лимета
Начин на подготовка:
Ставете ги сите состојки во една пластична кеса и оставете ги да стојат во неа еден ден. Пред да ја употребите оваа смеса, добро исчистете го со правосмукалка тепихот, а потоа сипете ја смесата, нанесете чиста вода и со четка тријте. Оставете го средството да делува половина час, а потоа повторно поминете со правосмукалка.
2. Средство за отстранување дамки од теписите
Потребни состојки:
- 300 милилитри јаболков оцет
- 700 милилитри сок од лимон
- Половина литар вода
- 1 лажица сода бикарбона
- Неколку капки етерично масло од лаванда
Начин на подготовка:
Ставете ги сите состојки во еден сад и добро измешајте. Потопете ја четката за перење теписи во нив и потоа исчистете ги оние делови каде што има дамки. Имајте на ум дека сите состојки во смесата се природни, па тие нема да направат пена и токму затоа откако ќе завршите потребно е добро да ги исчистите овие делови со чиста вода и откако ќе се исушат да ги поминете со правосмукалка.
3. Средство за отстранување непријатни миризби од тепихот
Потребни состојки:
- 2 лажици течен сапун
- 40 милилитри алкохолен оцет
- Половина литар топла вода
- 1 лажица боракс
- 6 капки етерично масло од лимон
- 3 капки етерично масло од чајно дрво
Начин на подготовка:
Ставете ги сите состојки во стаклен сад и добро измешајте, а потоа сипете ги во шише со распрскувач (можете да го искористите она за чистење прозорци) и додајте вода. Добро протресете и испрскајте врз целата површина на тепихот, оставете 20 минути да делува и потоа поминете со правосмукалка.