2 едноставни техники што ќе ви помогнат да читате и до 200 книги годишно

2 едноставни техники што ќе ви помогнат да читате и до 200 книги годишно

Некои од највлијателните луѓе во светот сметаат дека читањето е клучот на знаењето, со тоа што го проширува вашиот ум и ви помага да го разберете и да го постигнете посакуваниот успех. Но како просечни луѓе, колку книги можеме да прочитаме во текот на една година?

2-tehniki-koi-kje-vi-pomognat-da-prochitate-i-do-200-knigi-godishno-kafepauza.mk

Можеби ќе прочитате неколку книги годишно ако го имате потребното трпение, или пак повеќе ако сте страстен читач. Но што ако ви кажеме дека е возможно да прочитате и до 200 книги во една година, и дека со тоа ќе го отворите вашиот ум и ќе создадете подобар пат за вашиот успех?

Зошто ни е тешко да читаме брзо?

Сигурно мислите дека 200 книги годишно е смешен потфат и дека сигурно нема да имате време да го изведете тоа. Според пресметките, потребни ви се 417 часа за да прочитате 200 книги, ако читате 400 зборови во минута. Ако сметате дека немате 417 часа слободно време, имајте на ум дека просечниот човек поминува 2.250 часа годишно во гледање телевизија и проверување на социјалните мрежи. Па кога ќе го имате ова предвид, ќе сфатите дека ако му дадете предност на читањето, овој подвиг сепак е возможен.

Но 400 зборови во минута е голема брзина и многу од нас не се навикнати да читаат со тоа темпо. Кога станува збор за читање од задоволство, бавното и релаксирано читање е добар избор. Но доколку сакате да читате за сопствено развивање и проширување на вашите погледи, колку повеќе книги – толку подобро. Па зошто ни е тешко да читаме брзо? Одговорот е бидејќи несвесно го вокализираме она што го читаме, а тоа ја намалува брзината на 200 зборови во минута. И нашиот страв да не испуштиме нешто нè тера да читаме сè, дури и кога нема потреба од тоа.

Престанете со вокализирање: Читајте само со вашите очи

Кога учиме да читаме, наставниците нè тераат да читаме на глас, а оваа навика останува со нас иако вокализирањето не е гласно. Со други зборови, ние си замислуваме дека ги изговараме зборовите. Ова значи дека брзината на нашето зборување е всушност нашата брзина на читање. Па, како да ја отстраните оваа навика?

Важно е да разберете дека не се важни зборовите, туку идеите, концептите и информациите кои се кријат зад нив. На пример, кога ќе ја погледнете годината 1981, вие ги вокализирате зборовите илјада деветстотини осумдесет и еден, а всушност доволно е само да го погледнете бројот и да ви стане јасно за што станува збор. Има неколку начини да ја намалите вокализацијата:

  • Натерајте се да читате побрзо. Кога ќе го забрзате читањето вие природно ќе го сфаќате концептот на зборовите наместо да размислувате за секој збор одделно. Со малку вежбање, вашиот мозок ќе ја елиминира потребата од вокализирање и брзото читање ќе ви станува полесно.
  • Водете ги очите со прстите. Иако изгледа како нешто што би го правело мало дете, оваа техника ќе ви помогне да читате побрзо. Следењето на прстот ќе ја намали вокализацијата и ќе ви овозможи да се фокусирате на група зборови, наместо на секој збор одделно.
  • Слушајте музика. Ова делува само ако слушате „неутрална“ музика која не ви буди сеќавања и која нема брз и нападен ритам. Слушањето музика додека читате ќе ви помогне да се концентрирате и ќе ја елиминира навиката за вокализација.

Ослободете се од стравот дека ќе испуштите нешто

Друга навика која го забавува читањето е стравот од испуштање нешто важно. Нашиот мозок верува дека ако не го прочитаме секој збор, можеби ќе испуштиме да сфатиме некој важен дел од приказната или поглавјето. Сепак, ова многу ретко е вистина. Важно е да го разберете концептот, а тоа можете да го направите без да ги апсорбирате сите зборови и реченици. Се разбира, ова најмногу важи за книги од кои учиме некои информации.

  • Ослободете се од стравот.
  • Важно е да го сфатите главниот концепт. Ако верувате дека сте го разбрале концептот без да го читате секој збор, тогаш веројатно е така. Верувајте си повеќе и запомнете дека ако нешто не сте сфатиле, секогаш можете да го прочитате уште еднаш.

Брзото читање не мора да значи и намалување на квалитетот на читањето. Разбирањето на овие техники ќе ви помогне да прочитате повеќе, а со тоа да се изложите на повеќе информации. Читањето 200 книги годишно е возможно, па зошто да не си поставите предизвик?

Погледнете и како да одвоите повеќе време за читање.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар