18 цитати од „Дневникот на хулиганот“ за будење на сетилата
Книгата „Дневникот на хулиганот“ на Сашо Димоски е несекојдневен жанровски хибрид: проза во која има многу поезија, филозофски размисли, драмска предлошка и есеистички начин на пишување.
„Дневникот на хулиганот“ не се состои само од издавање на книга, туку тоа е голем мултимедијален проект. Тој се реализира во неколку фази и тоа: радио драма, буто перформанс (што всушност е „естетика на грдото“ – дисциплина на источниот театар која се одликува со висока кодираност), издавање на книга и во тек е остварување на телевизиската фаза.
„Несомнено е дека главната и есенцијалната порака која останува по читањето на ‘Дневникот на хулиганот’ е дека преку љубовта, единствено и само преку неа растеме во нас, растеме за живот погоре, стремејќи се секогаш повисоко кон вечно доброто во нас, кон сето она што е за наше најголемо и највозвишено убаво и добро.“ – В. Зафирчев во поговорот на книгата
Тешко е да се одберат и извлечат само неколку реченици од контекстот и тие да функционираат и циркулираат низ големите маси народ. Но, токму тоа и ја прави уметноста флуентна, односно дозволува една мисла да добие и други значења надвор од својот примарен контекст.
Во продолжение извадоци од книгата кои ќе ви ги згреат и разнежнат душите.
„Така настанува вечноста – заради луѓето, течењето и значењето, исто како човекот кој се буди го осознава денот, заради различното присуство на светлост во неговото опкружување и така секој темен ден станува видлив и во видливоста се гледа некој случаен човек кој му дава смисла на времето тој ден: затоа само светлината е мерлива тој ден, а мракот присутен.“
Љубовта мора да има двајца кои балансираат на краевите, колку она што е на средината меѓу нив никогаш да не се растури, туку само да се шири во таа најголема возможна оддалеченост меѓу тие двајца кои балансираат на краевите да се најде најголемата блискост.“
„Верувам во ѕвезди, сништа и толкава среќа само затоа што среќата и љубовта се најуниверзални принципи според кои може да се живее, а ѕвездите се во сите нас.“
„Јас секогаш ги препишував своите стихови во нејзините очи само затоа што во нив беше испишана онаа азбука која ја разбира сиот свет и која нема потреба од толкување.“
„Ќе ти кажам дека сепак се плашат храбрите, оние за кои денот е најдолг.“
„Добиваме колку што заслужуваме, а ако денот е расположен добиваме насмевка плус.“
„Се вљубуваме во случајните неправди кои времето им ги носи на другите луѓе: за една љубов да постои мора друга претходно да умре.“
„Кога еднаш ќе се скрши, не се лепи. Ако зарасне, ќе зарасне со деформитет. Ќе биде искривена. Сосема крива љубов, која ја завлекува ногата кога се движи. Излезена. Отпорна на добрина. Љубов со исчашен врат, со криви очи и испружена рака во празно. Иста љубов не може други луѓе исто да ја љубат, станува и самата отпорна на сакање.“
„Празниот простор има една намена: да се пополни.
Празното срце има една намена: да преживее.“
„Со затворени очи верувај му на оној кој ја живее твојата љубов за него. Со затворени очи оди по работ на најголемата височина: ако паднеш ќе паднеш само во чиста љубов, а тоа е најдобрата работа која може некогаш да ти се случи.“
„Мислев дека ја имам само таа љубов. Мислев дека нема никогаш да можам да припаѓам никаде на друго место, ниту во еден друг сон, ниту во кој било град. Кога таа љубов престана да биде, помислив дека престанав да сум. Денес знам дека таа љубов постоела за да постои некоја поголема по неа, некоја која ќе вреди колку цел еден живот кој претходел. Љубовта која доаѓа мора да се пушти да влезе, колку да се види дека постои поголем сон од оној кој се разводнил и се слеал заедно со некој случаен дожд.“
„- Знаеш што е љубовта драг мој? – Ме праша
– Многу нешта – одговорив насмеано.
– Љубовта е просто поклопување – рече.
– Поклопување?
– Да. Кога ќе го најдеш местото за својата глава на рамото на оној некој. Кога ќе ти се поклопи главата во малата вдлабнатина на нечие рамо.“
„Мирисаше на утро во кое се разлеваат сите нешта кои му се потребни на денот за да биде совршен.“
„Човек не може да има повеќе кога има сè.“
„Треба да се умре како посреќен човек, а за тоа се потребни сите тажни моменти, колку јасно да се разделат емоциите.“
„Кога кафето се пие студено никогаш не се ужива во пареата. Испарувањето, дури и она на луѓето, е процес кој се консумира на различни начини: пареата може да предизвика најлоши изгореници и прекрасни сетилни задоволства.“
„Често во еден прост ден се случува сиот живот и животите кои треба да бидат во тој ден.“
„Хулиганите ги има насекаде по светот. Тие се луѓе со стари очи чија човечка форма променила многу облици пред да биде таква каква што е денес. Луѓе со многу вистини под прстите. Со многу големи сништа. Со цели вселени по џебовите.“