15 нешта кои ќе ги разберат само децата родени во деведесеттите години (од 19-от век)
Само децата родени во деведесеттите години од 19-от век ќе знаат за што зборуваме. Безгрижноста на тие убави времиња кога по цели денови можевте да трчате по ширните ливади и да дишете чист воздух од изгрејсонце до зајдисонце. Телефоните и интернетот беа непознати поими, а вистинската дружба се случуваше на калливите улици пред домовите.
1. Ќе се скршите под стресот кој го чувствувате кога нема да можете да најдете гулаб за да испратите писмо до вашата симпатија.
2. Или уште полошо, анксиозноста која ќе ја почувствувате кога ѝ испраќате долго писмо на вашата симпатија, напишано со вашиот најдобар ракопис, а таа по 5 работни денови само ви одговара „добро“.
3. Барем еднаш сте излажале дека имате жолта треска за да не одите во училиште.
4. Со вашите другари и роднини сте вртеле хулахоп со часови. Ако сте биле авантуристи, сте оделе до најблиската шума да барате злато. Сепак, најмногу од времето сте фрлале камења.
5. Афионот бил решение за сите ваши заболувања.
6. Повеќето ваши соученици се викале Трајче, Стојан, Гоце или Неда.
7. Отсекогаш сте сонувале да се омажите со Трајче кога двајцата ќе наполните 15 години.
8. Активностите после училиште вклучувале бескрајна дружба со другарите по зелените ливади и често не сте одговарале на повиците од вашиот татко кој ве барал откако ќе се стемнело. Тие што имале, по цел ден слушале гласна музика на грамофон.
9. Но, понекогаш сте мислеле дека сте родени во погрешен век затоа што сѐ би дале да го слушнете Бетовен во живо.
10. На 12 години сте почнале официјално да работите.
11. Револуционерите од почетокот на 20-от век сте ги знаеле пред да станат познати.
12. Сте се радувале кога немирните деца од класот биле казнувани да седат во аголот, свртени кон ѕидот.
13. Немате фотографии од вашето детство од ниту еден роденден или нова година, затоа што единствениот фотоапарат бил оддалечен од вас неколку светлосни години.
14. За шеснаесеттиот роденден сте посакувале ждребе.
15. Се сеќавате на подготовките за Илинденското востание.