15-минутен трик кој ќе ви помогне да го победите копнеењето по благо
15-минутната прошетка е доволна за да ги сопре вашите копнежи по храна кои настануваат од стресни ситуации. Едно неодамнешно истражување покажало дека овој трик може да им помогне на 97% од жените и на 68% од мажите кои се во ваква ситуација. Резултатите од оваа студија се поклопуваат со резултатите од слична студија која покажала дека 15-минутната прошетка е доволна за да ја намалите потребата за чоколадо дури за половина.
Професорот Адријан Тејлор, кој ја водел оваа студија објаснува:
„Ние знаеме дека внесувањето храна со многу калории, како чоколадото, додека сме на работа може да ни стане навика за која воопшто не размислуваме, па токму затоа и да доведе до зголемување на телесната тежина. Ние многу често ја јадеме оваа храна со цел да го доживееме зголемувањето на енергијата кое произлегува од неа и на тој начин да можеме полесно да се справиме со стресот во нашата работа, вклучувајќи ја и досадата. Луѓето многу тешко можат да намалат со оваа навика, па токму затоа овие студии ни покажуваат начин на кој сите ние можеме полесно да се справиме со потребата за внесување високо калорична храна.“
Оваа студија вклучувала 47 луѓе со прекумерна телесна тежина чија просечна возраст била 28 години. Сите тие редовно јаделе чоколадо и други видови „ужини“ кои содржат многу калории. 3 дена пред да започнат со истражувањето, учесниците биле замолени да не јадат ништо од нивната храна за утеха. Идејата била кога тие ќе дојдат на тестирање, да имаат навистина голема потреба за благо.
Додека траело истражувањето, половина од учесниците поминале 15 минути на лента за одење, додека пак другата половина седеле тивко во друга просторија. Потоа и на двете групи им бил зададен психолошки тест со цел да им го подигне нивото на стрес и со тоа да им го стимулираат копнежот за благо. Тие исто така добиле и слатки кои требало да ги отворат, но кои не смееле да ги јадат.
Резултатите покажале дека оние кои оделе на лентата имале многу помала потреба за храна, отколку оние кои седеле тивко. Вежбањето исто така предизвикало и пониско психолошко возбудување при соочување со благото. Авторите заклучиле:
„Кратката физичка активност може да ја намали потребата за слатки кај луѓето со прекумерна телесна тежина. Кога консумирањето на оваа високо калорична храна ќе им стане навика на оние кои имаат проблем со телесната тежина и кога тие ќе изгубат контрола врз неа, зголемувањето на кратки физички активности може да биде клучно во оние моменти кога тие копнеат по храна и се ранливи, како на пример, кога се под стрес и кога имаат слатки при рака.“