12 начини на кои мачките скриено ја искажуваат својата љубов

12 начини на кои мачките скриено ја искажуваат својата љубов

За мачките владее популарно верување дека не сакаат никого, освен самите себе и дека се премногу арогантни и независни. Љубителите на кученца често ќе речат дека нивниот миленик вистински покажува љубов, но со истото можат да се пофалат и гордите сопственици на мачки. Вистината е дека и мачките можат да покажат љубов и приврзаност, па следниот пат кога ќе се најдете во „конфликт“ со сопствениците на кучиња, искористете ги следните аргументи…

12 начини на кои мачките искажуваат љубов, а вие не сте свесни за тоа

1. Трепкање

Кога мачката ве гледа во очи и притоа се случува да трепне, според експертите за однесување на миленици, на овој начин таа ви покажува дека ве сака. Некои дури овој потег го поврзуваат со мал, краток бакнеж со кој вашето крзнено милениче покажува дека ви верува и дека целосно е релаксирано покрај вас. Можете да им вратите со слично трепнување.

2. Гмечење со шепите

Постојат многу причини поради кои мачките може да ве гмечат со шепите во ритмични и наизменични движења, особено ако се галат кај вас во скутот. Покажувањето љубов и доверба е една од нив.

3. Лижење

На овој начин мачката покажува форма на приврзаност. Кога повеќе мачки се лижат една со друга, тие на тој начин се ослободуваат од стресот, но и се поврзуваат едни со други. Истото се случува и кога ви го прават тоа вам, затоа што ве сметаат за член на нивното семејство.

4. Ја виткаат опашката околу вас

Ако забележите дека мачката благо ја обвиткува опашката околу вашата нога кога минува покрај вас, или пак околу раката додека ја галите, знајте дека таа создава физичка врска со вас, слична на онаа како кога се прегрнуваме со пријател.

12 начини на кои мачките искажуваат љубов, а вие не сте свесни за тоа

5. Ви носат подарок

Без разлика дали се работи за парче хартија, за играчка или пак за уловена птица, треба да бидете благодарни, бидејќи тоа е подарок од вашиот миленик за вас.

6. Ја тријат главата од вас

Ова не значи дека нешто ги чеша, туку на овој начин тие ве галат вас. Тоа е симбол на доверба и чувство на безбедност. Ако штотуку сте земале маче, пружете ја раката кон него. Кога ќе почне самото да се гали од неа, тогаш веќе сте му ја придобиле довербата.

7. Туркање на главата кон вас

Освен што на овој начин ќе покаже приврзаност, мачето воспоставува и биолошка сопственост над вас. Тоа ја пренесува својата миризба на вас и на вашата облека и со тоа ве бележи како свои.

8. Гребење предмети

Забележете добро што гребе мачката. Ако тоа се случува на местото каде што често седите или пак, врз ќебињата со кои спиете, значи дека ѝ недостигате. Запомнете дека ниту едно однесување кај нив не е случајно, па така ни гребењето.

12 начини на кои мачките искажуваат љубов, а вие не сте свесни за тоа

9. Превртување кога ќе ве видат

Самото тоа што мачката го изложува својот стомак во ваша близина, значи дека доволно ви верува. Релаксираната положба значи дека покрај вас се чувствува доволно безбедно да биде опуштена и без страв од напад.

10. Испуштање звуци

Кога мачето мјаука, преде и испушта други звуци кои не се напаѓачки, тоа е знак на позитивни чувства кон вас.

11. Нежно грицкање на вашите прсти

Колку и да не сакате да ве гризе вашиот миленик, мачките на овој начин покажуваат блискост и воопшто не се свесни дека притоа може да нанесат и малку болка.

12. Цело време се блиску до вас

Каде и да се движите, вашето маче е покрај вас. Сака да влезе со вас во тоалетот, доаѓа да спие со вас, а кога се враќате дома често е на местото каде што обично седите? Одличен знак на љубов и приврзаност од страна на миленичето.

Прочитајте уште 20 работи што ќе ги дознаете откако ќе почнете да чувате мачка.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Голем љубител на „Star Wars“ и трилер-романи. И многу сакам мачки!

Поврзани содржини

Остави коментар