11 факти за Роберт Луис Стивенсон, авторот на новелата „Џекил и Хајд“
Роберт Луис Стивенсон бил роден на 13 ноември 1850, а умрел на 3 декември 1894, на возраст од само 44 години. Следуваат 10 интересни факти за шкотскиот автор на новелата „Џекил и Хајд“, кој исто така е автор и на делата „Островот со скриеното богатство“ и „Киднапиран“.
1. Стивенсон почнал да пишува од мали години
Роберт Луис Балфор Стивенсон, роден во Единбург на 13 ноември 1850 година, доаѓа од семејство на еминентни инженери. Неговиот татко бил почитуваниот Роберт Луис Балфор. На возраст од шест години тој на својата мајка почнал да ѝ ја диктира својата прва приказна наречена „Историјата на Мојсеј“.
2. Стивенсон бил уапсен поради борба со снежни топки
Како тинејџер тој бил познат како младо конте, секогаш облечен во кадифен капут и капа со широки рабови, кои му го донеле прекарот „Кадифено палто“. Како студент на Универзитетот во Единбург често излегувал во барот Рудерфорд. Еден од неговите роднини зборувал за некоја случка, додека Роберт гледал тепачка со снежни топки помеѓу група студенти и локалното население во дворот на универзитетот. Во еден момент тој „го извил вратот за да гледа подобро“ и изгубил баланс, па се лизнал и бил зграпчен од еден „боби“, популарните припадници на полицијата на островот. Засрамен, бил спроведен во полициска станица. Инаку Стивенсон студирал правни науки.
3. Пишувал под лажно име
Кога Стивенсон го напишал романот „Островот со скриеното богатство“, неговите приказни ги испраќал под измисленото име Капетан Џорџ Норт во детскиот магазин „Млади луѓе“.
4. Тој ја измислил вреќата за спиење
Според веб-сајтот „The Stevenson House“:
„Постои основа Р. Л. С. да се смета за пронаоѓач на вреќата за спиење, бидејќи тој со себе постојано носел голема волнена вреќа за спиење на патувањето низ Франција, опишано во неговата книга ‘Патување со магаре низ Кавењ’.“
Неговата двометарска правоаголна вреќа за спиење била направена од зелен водоотпорен материјал од надворешната страна и сина, овча волна од внатрешната.
5. Стивенсон бил вљубеник во корсети
Стивенсон бил колекционер на корсети (еден вид заштитни појаси) и особено бил горд на оние од Островот Гилберт, кои нуделе ефективна заштита од заби на ајкула, стрели и од европските ножеви и бајонети. Тие биле изработени од кокосови влакна и декорирани со човечка коса. Овие заштитни корсети му биле подарок од Кралот Тембинока, Тиранот од Островот Апемама.
6. Стивенсон имал дрвени заби
Кога живеел во Америка во текот на 1878-та година, следејќи ја несреќно омажената Фани Вандергрифт Озборн, Стивенсон бил сместен во Кинескиот кварт во Сан Франциско. Осамен и во лоша здравствена состојба, додека престојувал во Хотел Тубс, тој имал проблеми со расипани заби. Токму затоа и локален стоматолог му ги извадил сите негови заби и на нивно место му поставил дрвени инпланти. Кратко потоа Стивенсон се оженил со Фани.
7. Музиката ја смирувала неговата душа
Стивенсон свирел на пијано и на флејта и напишал повеќе од 100 оригинални музички композиции и аранжмани, вклучувајќи соло мелодии, дуети, композиции за трио и за квартет. Неговите дела вклучуваат и 10 песни напишани за неговите поетски дела.
8. „Животот е грозен, пишувањето е рационалност“
Во неговиот есеј „Скромен протест“, Стивенсон ја поставил теоријата за новелата и вели:
„Животот е грозен, бесконечен, нелогичен, неповрзан и тажен; уметничкото дело, за споредба, е уредно, отмено, конечно, воздржано, рационално… Новелата, која претставува уметничко дело, постои, не поради сличноста со реалноста, која е избрзана и материјална… туку поради својата немерлива разлика од животот, која е добро осмислена и многу значајна.“
9. Стивенсон ја мразел новелата „Тес“, која била напишана од Томас Харди
Стивенсон бил голем обожавател на Томас Харди, но ја мразел неговата новела „Тес од Дурберфилдс“. Во писмото до својот колега писател Хенри Џејмс, Стивенсон вели:
„Бев смртно ранет од книгата ‘Тес од Дурберфилдс’. Не знам дали претерувам со критиката, но ќе кажам дека Тес е една од најлошите, најслабите и најнеразумните книги кои досега сум ги прочитал. Нема никаква кореспонденција со човечките животи или со човечката природа, освен непријатниот портрет на слаб човек кој се обидува да изгледа паметно, како рахитично дете кое сака да биде непослушно, но не знае како. Ќе бидам искрен и ќе ви кажам дека никогаш не успеав да ја дочитам.“
10. Ја запалил првата верзија од „Џекил и Хајд“
„Џекил и Хајд“, инспирирана од сонот кој го сонувал додека бил во Бурнемаут, била напишана скоро во исто време со „Киднапиран“ и делумно била базирана врз животот на Дикон Бродик, кој изработувал ормани во 18 век. Неговата жена, Фани, се пожалила дека алегоријата во книгата не била доволно силна, па тој го запалил ракописот од 30.000 зборови. Подоцна во состојба на „бела треска“, користејќи перо и мастило, останал во кревет три дена и напишал нова верзија. Сепак, Стивенсон тврдел дека тоа е најлошото нешто што го напишал, но „Чудниот случај на д-р Џекил и господин Хајд“ се продала во 40.000 копии во Британија, само во првите шест месеци од продажбата во 1886.
11. Што му пресудило, мајонезот или виното?
Стивенсон умрел во Самоа на 3 декември 1894. Извештаите од тоа време велат дека умрел од срцев удар предизвикан од жештината. Исто така било опишано дека инфарктот бил предизвикан од напрегање да отвори тегла со мајонез. Или шише вино. Никој не бил сигурен. Имал само 44 години. Тој бил погребан со големи почести на Планината Ваеа.
Денот кога умрел диктирал зборови за неговата незавршена новела „Чиновникот од Врховниот суд“. Исто така зад себе оставил уште една незавршена новела – „Свети Ив“ (приказна за француски затвореник кој избегал од Единбуршкиот замок).