10 типови момци од цртаните на Дизни кои ќе ги запознаете на факултет
Автор: Зорица Тодорова
Тргнавте на факултет и покрај секојдневните обврски за учење, сепак најголемиот дел од неделата го поминувате на предавања со колегите. Запознавте еден куп нови лица и карактери, некои ви одговараат за дружење, некои не, а еве кои 10 типови момци сигурно ги има и меѓу вашите нови колеги.
1. Гастон – „Стереотипниот мачо-мен“
Разговорите на овој тип постојано се вртат околу неговото одење во теретана. Покрај најверните момци, околу него се моткаат и неколку други ликови, чисто заради поголем кредибилитет. Тој е вообразен до бескрај, иако реално нема зошто. Го посакуваат многу девојки, но самиот тој има многу ниско мислење за жените како поим; како и самиот Гастон, смета дека жените се добри само за една работа, а тоа не е читање книги.
2. Баз Лајтјир – „Нарцисот“
Баз едноставно е вклучен во сѐ – спортски активности, секции, висок просек. Секако, има само една маана која е очигледна за сите, но која се обидува да ја прикрие, а тоа е дека тој е совршен. Се крие позади фасадата дека може да постигне сѐ и ќе направи сѐ што е потребно за да го задржи тој изглед. Дури ќе се дружи и со луѓе кои не ѝ припаѓаат на неговата „висока класа“ само за да се почувствува дека е подобар од сите.
3. Мајло – „Генијот“
Не постои сомневање дека овој тип го чека светла иднина. Тој е надарен со мозок на гениј и едноставно нема време за ништо друго освен за учење. Се однесува малку чудно кога станува збор за девојки, но кому му е гајле? Тој ќе биде милионер за три години.
4. Херкулес – „Спортистот“
Ова момче може да направи сѐ! Тој е силен, згоден и многу добар. Нормално ќе ви здосади од тип кој постојано се фали за своите спортски успеси, но овој е навистина добра личност. Сите девојки се луди по него, сепак тој има очи само за една. И замислете, и покрај таа суперчовечка сила, пак не може да ја освои, но барем има добри бицепси.
5. Џинот – „Училишниот кловн“
Кој рече дека машките се веќе зрели само затоа што тргнале на факултет? Овој тип не пропушта ниту една прилика да биде центар на вниманието. Постојано имитира секакви гласови и раскажува шеги, но сите (дури и професорите) го сакаат. Секогаш знае здодевните предавања и тешки ситуации да ги направи забавни. Каде би биле без него?
6. Џон Смит – „Прекрасниот странец“
Џон е егзотичниот нов убавец кој ви доаѓа од друг факултет, или уште подобро, од странство. Тој е тука на краток период, доволно за да се вплетка во забранета љубовна авантура и да остави низа скршени срца, пред повторно да замине во непознат правец и да не знаете што повеќе се случило со него.
7. Ѕверот – „Непоправливиот романтичар“
И покрај тоа што делува незаинтересирано, или дури речиси ладно и злобно, кога еднаш ќе го запознаете Ѕверот ќе увидите дека има многу добра душа и голема способност да сака и да стори сѐ за оние што му значат. Тој несебично ќе ви помага, само доколку не ја изневерите неговата доверба.
8. Тарзан – „Аутсајдерот“
Ова момче отпрвин не може да се вклопи бидејќи новата средина најмногу го погодува неговиот карактер. Му треба повеќе време да се опушти и да стане дел од средината. Сигурно нема да го видите на студентска забава, опкружен со група луѓе, туку најверојатно ќе се спријатели со својата сродна душа.
9. Скар – „Главниот антагонист“
Добро, неговите негативни карактерни особини не се толку изразени како кај Скар, но сепак нешто кај овој тип едноставно не ви се допаѓа. Тој е обдарен со неодолив шарм и мудрост на лидер, но сепак тоа го искористува за да ви напакости. Во неговиот свет постои простор само за неговите амбиции.
10. Мачорот Скет – „Музичарот“
Кога влегува во некоја просторија, овој тип мора на сите да им соопшти дека тој свири гитара. Има бенд со кој прават свирки низ градските кафулиња и постојано за нив ви испраќа покани на Фејсбук. Тој има свој посебен стил кој вие просто, не можете да го разберете.