10 типови луѓе кои ги среќаваме на секоја забава
На забавите секогаш сретнуваме секакви луѓе, почнувајќи од оние со кои одлично си поминуваме и се журкаме, до онакви кои немаат попаметна работа и им го расипуваат расположението на сите останати. Ова се 10 типови на луѓе кои ги има на сите забави.
Пијан пред сите други
Ќе почнеме со овој човек бидејќи и тој почнува пред сите други. Тој неретко на забавите пристигнува веќе поднапиен, а додека си налива уште алкохол во чашата ќе ве убедува дека ништо не му е и дека сѐ е под контрола. Уште во 10 часот ќе го пронајдете легнат на некое столче, сепаре или на подот од купатилото, заспан.
Човек на кој секоја забава му е досадна
Неретко од него ќе чуете „Брат, ај да бегаме… Тапа е тука.“. Секогаш можете да најдете една личност на која ниту една забава никогаш не ѝ е добра, па ги малтретира луѓето околу себе да станат и да одат на некое друго место. Тој својата досада не ја ни крие и најчесто е седнат и ништо не прави, а од лице му се чита дека умира од досада.
Неоткриен диџеј
Секој си слуша свој стил на музика, но на секоја забава има едно типче кое форсира музика, која неретко си ја донел на стикче или на цеде од дома. Па така седнат пред компјутерот, ставен во филм со слушалките на уши ја подгрева атмосферата до максимум. Од неговиот репертоар ќе ги издвоиме редовните хитови „Макарена“ ,„Мешај мала“, „Месечина“, „Џурџевдан“ и „Yeah, yeah“ од Ашер.
Најјаката играчица
Секоја песна е „нејзина“ и на секоја песна игра и се крши. Нормално, на тажните и љубовните песни е гушната со најдобрата другарка, а понекогаш и плаче по бившото момче.
Кавгаџија
Секогаш се наоѓа некој со цврсти ставови поврзани со актуелната политичка состојба во државата, религијата или за финансиската состојба на народот и токму на забавите му се отвора прилика на сите да им ги прошири хоризонтите. Нормално, никој од останатите не се согласуваат со неговите мислења. Сепак за да биде ислушан од другите, тој ако треба ќе зборува и погласно од музиката, нарекувајќи ги идиоти сите оние кои не се согласуваат со него.
Пијана заводничка или заводник
На секоја забава сигурно сте виделе некој дечко како упорно ѝ се „става“ на некоја девојка или пак обратно, некоја млада дама како му се обесила на некој ерген. Она што е збунувачки, е што истата таа или истиот тој ќе го видите по 10 минути како освојува нови територии. Неретко стилот на додворување е „Чкс-Чкс“ или „Мора да сум на небото, кога покрај мене стои ангел“.
Плачка
На секоја забава има некоја плачка. Најчесто станува збор за тазе раскината врска, па комбинацијата од песни кои потсетуваат на моменти од врската или дирлив текст од стилот „Сваке ночи, сањам твоје очи…“ измешано со алкохол едноставно е премногу.
Разбивач
Ваквиот тип на луѓе кога се пијани, сакаат да покажат кои се и што се, па луѓето околу нив или мебелот нека му ја мислат. Па така, доколку никој не ги погледне на криво, ќе се најде нешто од покуќнината за демолирање.
Искористувачка
Само што ќе пристигнете на забавата, ќе ја здогледате. Седната сама, едноставно блеска, преубава е. Само ќе ве погледне и ќе ви се насмевне. Вие полни себе ќе ѝ пријдете и ќе почнете муабет кој ќе трае со часови и часови, а ќе зборите за сѐ и сешто. Едноставно совршена е. Лошата работа е тоа што, пред да си оди ќе ви каже дека има дечко веќе 3 години.
Човек што се однесува како по дома
Не само што не го знаете, туку и тој што го донел го знаете само на „Здраво“. По извесно време ќе го видите како си прави сендвич, копајќи по фрижидерот.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.