10-те животни заповеди според Рудолф Штајнер

10-те животни заповеди според Рудолф Штајнер

Животот е едно навистина возбудливо патување и треба да се третира како такво. Треба да бидеме спремни за секоја нерамнина на патот, за секоја неочекувана кривина, стрмнина или одрон, но и за оние патишта кои се прави, долги и навидум досадни. Да бидеме спремни да се соочиме со сите други возачи кои ќе ги сретнеме на тој пат и да знаеме со кои треба да се поздравиме, а кои треба мирно да ги поминеме. Во тој контекст, познатиот австриски филозоф ни ги открива неговите 10 животни заповеди со кои нѐ поучува да пронајдеме синтеза помеѓу науката и духовноста.

10-те животни заповеди според Рудолф Штајнер

1. Секој човек има скриени способности за постојано лично и духовно усовршување. За да тргне на вистинскиот пат треба за своја цел да го постави не сопственото духовно богатство, туку неговиот личен придонес за духовниот развој на човештвото.

2. Бидете скромни и развијте го во себе чувството на длабоко и искрено почитување на вистината, природата и вселената. Бидете бескомпромисен борец против сите типови лаги, догми и предрасуди.

3. Воздржувајте се од критикувањето, осудувањето на другите луѓе и оговарањето. Без разлика за што станува збор, обрнувајте внимание само на она што е позитивно, благородно и убаво. Борете се и не дозволувајте во вас да се развиваат какви било негативни емоции.

4. Секојдневно медитирајте, дури и по само 5 минути. Тоа ќе придонесе во постигнувањето на вашиот внатрешен мир и психичка стабилност. Ќе ги олесни сите други активности во секојдневниот живот и ќе ве упати на вистинскиот пат кон вашиот личен напредок.

5. Смирено и без предрасуди, набљудувајте ја природата повеќе со срцето отколку со умот. Трудете се што поцелосно да ги разберете, сфатите и почувствувате суштинските збиднувања во неа.

6. Бидете свесни дека за секој чекор напред, мора да направите 3 назад. Затоа трудете се во вашето секојдневие да внесете што повеќе скромност, трпение, љубезност, храброст, истрајност, милост, одлучност и добронамерност и да ги избришете негативните особини како себичноста, грубоста, брзоплетоста, лажливоста, колебливоста, плашливоста и неразумноста, како и омразата, бесот, стравот и зависта.

7. Трудете се да бидете смирени, достоинствени, храбри и одлучни. На сите опасности и неволји гледајте им мирно во очите, а проблемите и тешкотиите решавајте ги веднаш, без двоумење.

8. Трудете се вашиот живот да биде складен. Остварете хармонични односи со луѓето околу себе и живејте во складност со законитостите и ритамот на природата.

9. Развијте во себе чувство на скромна припадност на човечкиот род, природата и универзумот. Разбудете ја во себе благодарноста кон нив, кон животот и Создателот.

10. Повремено застанете и направете ревизија на сѐ што ви се случило во минатиот период. Проверете ја исправноста на своите постапки, животни ставови, цели и содржини во вашиот живот.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Новинар. Самопрогласен актер. Џедај. Животна форма еволуирана да живее од филмови, видеоигри, музика, хумор и технологија. Хоби и рекреација: Појадок, ручек, вечера.

Поврзани содржини

Остави коментар