10-те најекстремни спортови во светот
Автор: Ивана Димитровска
Дали сте се запрашале зошто луѓето воопшто се одлучуваат за екстремни спортови? Екстремните спортови можат да бидат прилично опасни и ризични по здравјето на учесниците, а неретко завршуваат и со фатални последици. Некои велат дека тоа е единствениот начин на кој можат да го покачат нивото на адреналин, да се одвојат од останатите, да демонстрираат решителност, одлучност и храброст или едноставно да направат нешто различно и поинакво.
1. Volcano boarding (Сурфање на вулкан)
Бордањето по снег веќе не е во мода. Спуштање по активен вулкан на специјално дизајнирани дрвени бордови со брзина не поголема од 80 км/ч е вистинскиот предизвик. Илјадници љубители на овој спорт се искачуваат на подножјата од планината Сиро Негро во Централна Америка, каде се наоѓаат едни од најубавите вулкански стази за бордање. Оние кои пробале сведочат за неверојатниот адреналински шок кој се јавува кога треба да се помине вулкански наклон од 41 степен во своите најстрмни делови, на релативно млад вулкан кој досега еруптирал преку 20 пати, последен пат во 1999 година. Со своите почетоци во 2005-та година овој тип спорт привлекол повеќе од 10.000 бордери.
2. Train surfing (Сурфање на воз)
Пред сè, станува збор за илегален спорт кој е популаризиран во 80-тите години во Германија, кој опфаќа искачување и сурфање на воз во движење од надворешната страна. Опасноста во спортот, освен можноста да се падне, е и во потенцијалните пречки на патот: тунели, кабли и слично. Иако подземните железници со години водат против-кампања, сурфањето по возови се практикува на големо во Африка и во Индија. Професионалците во овој спорт ги докажуваат своите способности на најбрзите возови во Германија, InterCityExpress. Овие возови постигнуваат максимална брзина од 280 км/ч.
3. Crocodile bungee (Банџи-скокање над вода со крокодили)
За оние за кои висината не е доволен предизвик постои алтернативен вид банџи-скокање и тоа скокање во води полни со крокодили. Ова дополнително зачинување кое го вовеле Австралијците дефинитивно остава без здив, а какво е чувството… за тоа сведочат само најхрабрите (најлудите) авантуристи!
4. Slacklining (Екстремно одење по јаже)
Најкратката дефиниција за овој екстремен спорт би била: одење по затегнато јаже на голема висина. Впрочем, јажето воопшто и не е затегнато, а најчесто и се прилагодува според тежината на изведувачот. Целиот концепт е во вештината на одржување телесен баланс во стресни околности: неверојатни висини и отстранување на заштитните придржувачи. Моменталниот рекорд според Гинисовата книга го постигнал Кристијан Шу, преминувајќи процеп на Норвешки фјорд во Кјеранг на висина од 1.000 м, висина еквивалентна на 3 Ајфелови кули.
5. B.A.S.E. jumping (Скокање од згради, мостови, антени и карпи)
Овој тип спорт е всушност скокање со падобран, но на некое поопасно ниво. Разликата е во тоа што скоковите започнуваат од фиксни објекти, како и кај параглајдерството, но со затворен падобран. Акронимот B.A.S.E. е кратенка од четирите објекти кои најчесто се користат како потенцијални стартни позиции: згради, антени, мостови, карпести рабови. Опасноста на спортот лежи во недостигот на време да се отвори падобранот по скокот.
6. Limbo skating (Поминување под автомобили со ролшуи)
За многумина речиси невозможно, овој тип лизгање под коли е последното лудило во Индија. Сам по себе спортот бара флексибилност, физичка спремност и способност за гимнастички баланс. Неофицијалниот светски рекордер е Аникет Чиндак, индиското чудо од дете, кое досега прошло под 57 коли.
7. Heli skiing (Скијање по скок од хеликоптер)
Овој пред сè скап спорт, вклучува амбициозен обид за скијање по стрмни и непристапни терени до кои може да се стигне само со хеликоптерски превоз. Освен скијањето, дури и самиот хеликоптерски превоз може да биде опасен. Френк Велс, поранешен претседател на корпорацијата Волт Дизни, загинал во хеликоптерска несреќа при обид за хели-скијање.
8. Cave Diving (Нуркање во пештера)
Замислете да се најдете на повеќе од 30 м длабочина во мрачна, ладна и длабока подводна пештера. Нуркачите мора да се добро обучени и спремни за ваков вид експедиција, но и покрај тоа постојат низа опасности кои прават овој спорт да се вброи на листата најекстремни. Можно е да се остане без кислород, да се згреши патеката или да се биде изеден од некое чудно пештерско суштество. Според статистичките извештаи преку 500 нуркачи имаат загинато од првото пештерско подводно спуштање во 1960 година па навака. За љубителите на овој спорт, но и за оние кои сакаат да пробаат, подводните пештери во Матка се доволен предизвик.
9. BirdMen (Луѓе-птици)
Со специјална опрема: летечки костим и контрола на движењата, луѓето навистина можат да летаат! Брзината која може да се постигне се движи 220 – 240 км/ч. Популарна локација за ваков вид спуст е долината Ромсдал во Норвешка.
10. Skydiving (Слободен пад од авион)
Екстремен спорт за сите оние кои се заситиле од „едноставното“ спуштање со прикачен падобран, па одат еден чекор погоре: фрлање од авион без прикачен падобран, за потоа, во текот на паѓањето друг падобранџија да им обезбеди безбеден начин за слетување. Велат дека наједноставен начин да се совлада стравот од висина е доколку се фрлите свесно од целосно функционален и исправен авион. Добар дел од падобраните имаат и висински самоактивирачки систем, односно во случај да заборавите да го ослободите, сам ќе ја заврши работата на одредена висина од земјата, но тоа се разбира, само доколку го имате со вас. Во спротивно довербата во вашиот партнер е единствената сигурна работа која ќе ве спушти на тврдо тло.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.