10 помалку познати факти за Салвадор Дали
Делата на Салвадор Дали, кои ги рушат сите норми и граници на уметноста, секоја година привлекуваат милиони луѓе во уметничките галерии и музеи ширум светот. Овој екстравагантен уметник познат по своите необични мустаќи и ексцентрични убедувања е еден од најзначајните уметници на 20-тиот век. Во чест на неговиот 112 роденден, кој помина вчера, ви претставуваме 10 интересни факти од неговиот живот кои веројатно не сте ги чуле досега…
1. Направил филм со Дизни
Кога ќе помислите на Дизни, гротескните дела на Салвадор Дали сигурно не ви ни паѓаат на памет. Но, во 1945 година оваа неверојатна соработка навистина се случила кога Волт Дизни го контактирал Дали за да направат продолжение на контроверзниот филм „Фантазија“ (Fantasia). Одговорот на Салвадор бил „Дестино“ (Destino), кој за жал не бил достапен за јавноста сè до 2003 година кога бил објавен од страна на Рој, внукот на Дизни.
2. Салвадор одбрал да биде избркан од уметничкото училиште
Пред последниот испит по историја на уметност, Дали го изјавил следново: „Ни еден од професорите во училиштево не е компетентен да ме оценува, се повлекувам.“ Меѓутоа, вистинската причина била од финансиска природа, бидејќи татко му кажал дека ќе престане финансиски да го издржува кога ќе ја добие дипломата.
3. Ги збогатил неговите секретарки
Сосема ненамерно. Дали не им давал нормална плата на неговите секретарки, наместо тоа им давал процент од вкупната заработка. Тоа не била некоја голема сума на пари на почетокот, но подоцна вредноста ѝ пораснала на милиони.
4. Дали за малку ќе се згушел додека држел предавање
За време на Меѓународната изложба на надреализам во Лондон во 1936 година, Дали држел предавање во стар метален костим за нуркање за да ја истакне идејата дека тој постои на дното од морето на потсвеста. Но, она што го немал предвидено е дека без проток на кислород во костимот нема да може да дише. За среќа, поетот Дејвид Гаскојн бил во близина и го спасил Салвадор со неговиот вешт зафат.
5. Дали се оженил со сопругата на неговиот пријател
Дали ја запознал љубовта на неговиот живот, Елена Ивановна Диаконова, попозната како Гала, во 1929 година. Проблемот било во тоа што таа веќе била омажена со францускиот надреалистички поет Пол Елуард. Не е воопшто чудно што тоа не претставувало пречка за Салвадор и дошло до прилично необична врска помеѓу тројцата додека Гала не се развела од Елуард и се омажила за Дали во 1934 година. Нивниот брак бил далеку од традиционален, бидејќи и двајцата продолжиле да се гледаат со други луѓе, но останале заедно сè до смртта на Гала во 1968 година.
6. Салвадор Дали умрел пред Салвадор Дали да биде роден
9 месеци пред Салвадор Дали да биде роден, Салвадор Дали умрел. Постариот брат на уметникот го носел истото име и според родителите и самиот Дали, тој се реинкарнирал во него. Дали насликал многу дела инспирирани од оваа мисла, едно од нив е секако и „Портрет на мојот мртов брат“ во 1963 година.
7. Многу го привлекувале карфиоли
„Сè завршува со карфиолот!“. Ова е единственото објаснување што Дали го дал на изненадената француска публика кога се појавил во бел „Rolls Royce Phantom II“ полн со 500 килограми карфиоли. Како што подоцна му објаснил на американскиот новинар Мајк Валас, тој едноставно не можел да одолее на „логаритамската форма“ на карфиолот.
8. Дали бил садист во детството
Кога бил мало момче, Салвадор експериментирал со болката и тоа не само на себе. Еднаш кога одел по мост со неговиот пријател, Дали забележал празнина во безбедносната ограда. Без многу двоумење, тој го турнал пријателот од мостот. Момчето паднало од 5 метри височина на камењата долу и завршил со сериозни повреди. Додека мајката на момчето во паника побрзала да му помогне на синот, Салвадор си седел на страна и мирно ја гледал целата драма јадејќи цреши.
9. Многу сакал пари
Понекогаш уметникот бил нарекуван Авида Доларс, прекар кој е анаграм од Салвадор Дали и се однесува на неговата љубов спрема парите. Приказната вели дека Јоко Оно, вдовицата на Џон Ленон, му понудила 10.000 долари за едно влакно од неговите мустаќи. Тој ја прифатил понудата, но наместо да ѝ прати негово влакно, тој ѝ испратил тревка, затоа што се плашел дека Јоко ќе го искористи влакното за да му фрли магија.
10. Тој е еден од најпродуктивните познати уметници во историјата
За време на неговата кариера тој создал повеќе од 1.500 уметнички слики, а тука не спаѓаат неговите илустрации, краткометражни филмови, скулптури, цртежи, настапи и уште многу други дела.