10 „откачени“ фестивали кои се слават во октомври
Погледнете ги наредниве неколку необични фестивали кои се слават за време на месецот октомври во различни краеви од светот.
Трката со патки Тубинген
Започнувајќи од 1999 година, па сè до денес преку 7.000 жолти гумени патки се пуштаат по реката Некер која поминува низ историскиот град Штутгарт во Германија. Натпреварот започнува напладне на 6 октомври и секој кој поседува гумена патка може да учествува. Учесниците ги пишуваат своите имиња и броеви на патките и потоа ги пуштаат во водата. За време на трката, нивните сопственици се движат покрај реката навивајќи. Можеби ви звучи смешно, но овој натпревар се сфаќа многу сериозно. Всушност и премногу сериозно, бидејќи наградата за победникот изнесува 10.000 евра.
Октоберфест
Октоберфест е прослава за Баварското пиво од најдобрите пиварници во Минхен. Секоја година се конзумираат околу 6 милиони литри пиво заедно со околу 300.000 свински колбаси и 600.000 пилиња на скара. За време на фестивалот се служи пиво само од најдобрите 6 пиварници во 14 големи шатори, кое го служат познатите „пивски“ девојки. Покрај пивото на овој фестивал можете да забележите и традиционална германска забава во вид на фолк костуми, традиционална музика, бендови кои маршираат, луна парк и паради…
Панаѓурот со камили Пушкар
Годишниот Панаѓур Пушкар кој трае 5 дена се одржува во градот Пушкар, Раџастан, Индија. На овој настан се собираат илјадници луѓе кои сакаат да купуваат или продаваат голем број камили секоја година. За време на панаѓурот, камилите се декорирани со разнобојни парчиња облека и хартија и меѓу другото можат да се забележат и трки, како и паради на убавина со камилите.
Денот на вештерките (Halloween)
Се смета дека денот на вештерките настанал преку келтскиот фестивал Самаин, каде што луѓето би палеле огнови и би носеле костуми за да ги избркаат духовите кои скитале. Со тек на време, денот на вештерките еволуирал во модерен и општествен настан кој се слави на 31 октомври и се карактеризира со детски активности како „трик или почестување“ (trick-or-treating) и обликување на тикви. Децата одат од дом во дом, облечени како вештерки или вампири поставувајќи го прашањето „трик или почестување?“ Доколку сопствениците одберат трик, децата имаат за задача да направат некаков трик, односно да испеат песна или да кажат интересна приказна за духови за да ги заработат своите слатки. Но, ако сопствениците одберат почестување, децата веднаш ја добиваат наградата.
Дивали, фестивалот на светлата
Овој фестивал е еден од најпознатите Хинду фестивали. Името „Дивали“ буквално преведено означува „ред од лампи.“ За време на овој настан, се запалуваат мали лампи за да се слави триумфот на доброто врз злото. Сите светла горат во текот на вечерта за домот да биде исчистен и доведен во ред за Лакшми, божицата на богатството да се чувствува добредојдена. Фестивалот се слави преку огномет, светла, цвеќиња, делење слатки… И трае нешто повеќе од 5 дена.
Фестивалот Дусера
Дусера, попознат како „Vijayadashami“ е еден од најважните фестивали кои се слави во различни форми низ Индија, Непал и Бангладеш. Името Дусера означува „отстранувач на лоша судбина“ и се однесува на убивањето на кралот на демоните Равана од страна на Лордот Рама. Овој настан се слави на десетиот ден од есенскиот Хинду лунарен месец Ашвин. Првите девет дена се слави Маха Наватри каде што се играат многу претстави и драми базирани според Рамајана, а потоа тие кулминираат во Дусера.
Фестивалот на огнени топки Нага
Позади овој настан постои голема мистерија, а се одржува секоја година во Тајланд. Локално е познат како „bung fai paya nak“ феномен кој може да се забележи во реката Меконг каде што стотици илјадници огнени топки излетуваат од водата високо во воздухот. Тие се црвени и имаат различни големини, започнувајќи со димензии на зрно песок па сè димензии на топка за кошарка. Огнените топки набрзина се издигнуваат неколку стотина метри во воздухот пред целосно да исчезнат. Популарноста на овој феномен започнала околу 1990-тата година, но дури во 2000-тата преку промоција на авторитетите во Тајланд, фестивалот достигнал интернационална слава. Традиционално се верува дека топките настануваат од здивот на Нага, митска змија која ја прогонува реката. И покрај тоа што сè уште не постои научно објаснување, некои веруваат дека топките всушност се џебови од метан кој се собира во реката и потоа спонтано се запалува.
Фестивалот Окучи Матсури
Како еден од најчудните фестивали во Јапонија, фестивалот Окучи во Нагасаки датира од 17 век, кога голем број Кинези живееле во градот и кога и холандските и кинеските трговци редовно ги засидрувале своите бродови тука. Многу години, во Јапонија им било забрането на странците да ги посетуваат другите пристаништа и оние малку холандски и кинески бродови на кои им било дозволено да застанат во Нагасаки биле единствената допирна точка на државата со нејапонскиот свет. Преку фестивалот Окучи се оддава признание на овие трговци каде што се играат традиционални холандски танцови и кинескиот танц на змејот.
Средно-есенскиот фестивал или фестивалот на месечината
Овој фестивал е познат по многу различни имиња како фестивалот на месечината, кинескиот фестивал со ламби, мункејк фестивал… Тој е популарен лунарен фестивал за време на жетвата кој се слави од кинески и виетнамски луѓе. Настанот се одржува на 15-от ден од осмиот месец според кинескиот календар, кога месечината е најсветла. Овој фестивал се состои од семејни собири, нешто слично како Денот на благодарноста во Америка. Кинезите веруваат дека на тој ден, кога месечината е најокругла и најсветла таа сигнализира време на исполнетост и богатство.
Вегетаријанскиот фестивал Пукет
Овој фестивал е разнобоен и малку грозен настан кој се случува за време на 9 дена во октомври, каде што се слави кинеското општествено верување дека апстиненцијата од месото за време на деветиот лунарен месец од кинескиот календар ќе им помогне да добијат добро здравје и мирен ум. И покрај тоа што почетоците на овој фестивал не се многу јасни, се верува дека тој бил донесен во Пукет, Тајланд од кинеска оперска група која се разболела од маларија додека настапувале на островот. Тие одлучиле да започнат строга вегетаријанска диета и да се молат на Деветте императорски богови за да го осигураат прочистувањето на нивниот ум и тело. За изненадување на сите, оперската група целосно се излечила. По нивното откритие, луѓето започнале со фестивалот кој се одржува во чест на боговите, како и за изразување на среќата за преживување на таа фатална болест во тоа време (во 19-ти век).
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.