10 интересни мексикански суеверија

10 интересни мексикански суеверија

Дали се сметате себеси за суеверни? Или пак верувањата дека предметите и постапките на луѓето ја определуваат (не)среќата за вас, е исто како да верувате во духови или други глупави нешта? Верувале или не, интересно е да се прочитаат овие 10 мексикански суеверија, во кои овој народ силно верува.

1. Лошо око

Доколку некој зјапа во бебе и не го допира, се верува дека може не само да го урочи, туку и да го повреди. Тоа се нарекува „Лошо око“ или на шпански „Mal de Ojo“. Доколку некој го урочи бебето тоа почнува да се разболува, да крева висока температура, силно да плаче и никој не може да го утеши. За да се излекува од „лошото око“, на бебето му прават ритуал со живо јајце, кое се тркала по неговото тело, со цел во него да се апсорбира негативната енергија на личноста којашто го урочила. Потоа, јајцето се крши на половина и се става во чаша со вода којашто се позиционира под креветчето, во близина на главата на бебето.

10 интересни мексикански суеверија

Набрзо или утрината се проверува дали јајцето во чашата личи како да се зготвило. Доколку тоа се случило, според нивното верување значи дека бебето имало „Mal de Ojo“ и во истиот момент, тоа ќе почне да се чувствува подобро и набргу болеста ќе му исчезне. Воедно, се верува дека доколку знаат која е личноста којашто го зјапала бебето и ја повикаат истата да дојде и овој пат да го допре бебето, неговата болест ќе се излечи.

2. Ќе ми ја подадеш солта или не?

Доколку во Мексико побарате некој да ви ја подаде солта од масата в рака, тоа е повикување на несреќата. На шпански „La Mal Sal“ значи лоша сол, што е сленг кој се користи за „лоша среќа“. Оние коишто веруваат во ова суеверие, мораат да побараат солта прво да биде спуштена на масата, пред да ја земат во својата рака.

10 интересни мексикански суеверија

3. Чантата никогаш не смее да биде на подот

Исто како и во македонската култура, така и во Мексико, оставањето на чантата на земја се смета дека носи лоша среќа, односно дека на тој начин ги фрлате вашите пари. Најдобро е чантата секогаш да биде близу вас и да ја придржувате.

10 интересни мексикански суеверија

4. Забрането чистење на нозете со метла

Се верува дека чистењето на нозете со метла на некој којшто не е во брак, ќе му/ѝ донесе лоша среќа. Тоа значи дека таа личност ќе искуси лоши љубовни врски или никогаш нема да направи свадба. Со други зборови, со метлата се брише сета среќа и можност за брак на таа личност.

10 интересни мексикански суеверија

5. Ѕунење на ушите

Доколку ви ѕунат или одѕвонуваат ушите, тоа значи дека некој ве збори. Некои веруваат дека доколку ви ѕвони десното уво тоа значи дека личноста зборува нешто убаво за вас, а доколку е левото, тогаш значи дека ве озборува. Доколку ви ѕвони левото уво, тогаш треба да си го гризнете јазикот, со надеж дека и личноста која ве озборува ќе си го гризне јазикот како казна заради тоа што зборува лоши работи за вас.

10 интересни мексикански суеверија

6. Споделете ги вашите кошмари

Доколку имате кошмар мора да го раскажете, особено доколку во него се вклучени луѓе коишто ги познавате. Доколку го споделите кошмарот, тоа ги уништува сите шанси сонот да се претвори во реалност. Кошмарот треба да се раскаже гласно, слободно и без чувство на страв, а не само да се сподели.

7. Поврзаноста помеѓу безопасните игли и полната Месечина

Кога жената е бремена, таа треба да го заштити нејзиното дете од полната месечина која може да предизвика болести, смрт или деформација на бебето. За да го заштити своето неродено дете, мајката треба да закачи безопасна игла на облеката, колку што може поблиску до стомачето.

10 интересни мексикански суеверија

8. Не чешајте ја дланката кога ве чеша

Уште едно слично суеверие делиме со Мексиканците. Кога раката чеша, тоа значи дека наскоро ќе добиете некои пари. Но, доколку ја почешате, тоа ќе ви го оттргне богатството од вашите раце. Па затоа, наместо да ја почешате дланката, во неа треба да ставите метална или хартиена пара и да ја протриете, сѐ додека потребата за чешање сосема не исчезне.

10 интересни мексикански суеверија

9. Лижење паричка

Се верува дека брзо решение за да престане да ви тече крв од нос, е со лижење на метална паричка и потоа нејзино ставање на вашето чело. Кога паричката ќе се исуши, можете да ја тргнете од челото и течењето на крвта ќе престане.

10. Бремените не смеат да ја фарбаат или кастрат косата

Очигледно, бремените жени во Мексико немаат некој голем избор кога станува збор за средувањето на косата. Во овие краишта се верува дека бремената жена доколку ја поткастри или бојадиса косата, е исто како таа да ја пресекла папочната врвца и му предизвикува некаква штета на нејзиното неродено дете.

10 интересни мексикански суеверија

Знаете некое интересно македонско или странско суеверие? Споделете го во коментари!

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Љубопитна новинарка и маркетерка со истражувачки дух, која е во вечна потрага по доза креативност. Животно мото ѝ е дека без утринско кафе, испеана песна и барем малку возбуда, не треба да ѝ помине ниту еден ден. Неостварен сон - да го прошета светот.

Поврзани содржини

Остави коментар