1-ви април: Потеклото и историјата на светскиот ден на шегата, лагата и забавата
1-ви април, познат и како Денот на шегата, е еден од најлесните и најзабавните денови во годината. Но, неговото потекло е доста несигурно. Некои го гледаат како прослава на промената на сезоната, односно на испраќањето на зимата и пречекувањето на пролетта, додека други сметаат дека се појавил со почетните практикувања на новиот календар. Во продолжение прочитајте за различните потекла и историјата на Денот на шегата.
Промената на новата година
Античките култури, вклучувајќи ги Римјаните и Хиндусите, ја славеле новата година на или околу 1-ви април, следејќи ја пролетната рамноденица (20-ти или 21-ви март). Во средновековието, поголемиот дел од Европа го прославувала 25-ти март, или гозбата за Свето Благовештение, како почеток на новата година. Во 1852 година, папата Грегори XIII нарачал нов календар (Грегоријански календар) кој требало да го замени Јулијанскиот, во кој стоело дека новата година треба да се чека на 1-ви јануари.
Според популарните објаснувања, многу луѓе или одбиле да го прифатат новиот датум или воопшто не ни разбрале за него, и продолжиле да ја слават новата година на 1-ви април. Другите луѓе почнале да ги исмејуваат овие традиционалисти, испраќајќи ги на смешни и будалести задачи или се обидувале да ги излажат да поверуваат во нешто лажно. Со тек на време, обичајот се раширил низ цела Европа. Но, не постои цврст и солиден доказ кој може да го објасни ова тврдење.
Константин и Кугел
Друго објаснување за потеклото на Денот на шегата било дадено и од Џозеф Боскин, професор по историја на Универзитетот Бостон. Тој објаснил дека обичајот почнал за време на владеењето на Константин, кога група од неколку дворски шутови му рекле на римскиот император дека можеле подобро да владеат со царството. Константин се насмеал и му дозволил на еден шут по име Кугел да биде цар за еден ден. Кугел пропишал едикт во кој стоело дека на тој ден ќе се слави апсурдот и обичајот станал годишен настан.
„На некој начин, тоа било еден доста сериозен ден. Во тие времиња, шутовите биле многу мудри луѓе. Нивната улога била преку хуморот да ги донесат работите до перспектива“, објаснува професорот Боскин.
Но, постои и еден интересен факт за ова тврдење: Тоа е целосна лага. Боскин ја измислил целата приказна како првоаприлска шега за своите колеги и за универзитетскиот одбор.
Пролетната треска
Важно е да се спомене дека во многу различни култури постојат денови на шегата и лагата кои започнуваат околу почетокот на април. Римјаните имале еден фестивал наречен „Хиларија“ кој се отворал на 25-ти март и кој го прославувал воскресението на Атис. Хиндуисите го имаат „Холи“, а еврејскиот календар – „Пурим“. Можеби постои нешто специфично за овој период од годината, со промената на годишното време од зима во пролет, кое се поврзува со прославата, забавата, шегата, смеењето и доброто расположение.
Низ светот, 1-ви април се прославува со правење различни шеги, кажување лаги, досетливи трикови, испраќање на лажни задачи, потрага по работи кои не постојат и обиди да ги натерате луѓето да веруваат во вашите измислици. Независно на кој начин се прославува, независно од неговото потекло и независно дали сме жртви на (не)вкусните шеги или ние сме нивните измислувачи, сепак никој не може да им одолее на првоаприлските обичаи и збиднувања.