За безгрижно патување: Најдобрите апликации за патување

Најдобрите мобилни апликации за безгрижно патување

Планирате нова авантура на место каде што никогаш досега не сте биле? Погледнете ги најдобрите мобилни апликации што ќе ви го олеснат истражувањето на новата дестинација и ќе ви помогнат во целост да го искусите местото што го посетувате. Да не заборавиме и на фактот дека ќе ве чуваат безбедни.

Packpoint – водич за пакување

Потребно е да ја изберете посакуваната дестинација, датумот на тргнување, бројот на денови, видот на патување како и низа други активности (пливање, кампување, фитнес, плажа, планинарење…) што ќе ѝ помогнат на апликацијата да ве подготви за сè. Оваа одлична апликација ќе ви направи листа од нештата што треба да ги спакувате во куфер, а вие нема да мора никогаш повеќе да се грижите дека сте заборавиле нешто.

Yelp – уживајте како локален жител

Кога сте во непознат град, пронаоѓањето соодветно место да јадете, да пиете или да купите нешто автентично може да ви одземе многу време. Исто така постои и ризик да направите лош избор доколку се препуштите исклучиво на вашите инстинкти. Па, без разлика дали барате отмен ресторан, скриен бар или некоја помалку позната атракција, најдобрите насоки ќе ги добиете од локалните жители со помош на оваа апликација.

Hitlist – најдете најповолни авионски карти

Веќе не мора да трошите денови за да ги најдете најдобрите авионски карти на Интернет. Сè што треба да направите е да ја симнете оваа апликација и да ги пополните потребните информации за таа самата да ви ја направи најповолната понуда што постои. На овој начин не само што ќе заштедите време, туку ќе заштедите и многу пари.

Moovit – насоки за градски превоз

Како што и самиот наслов си кажува, оваа апликација ќе ви помогне да се движите лесно и брзо низ непознатиот град, користејќи го градскиот превоз. Потребно е само да ја внесете вашата моментална локација и дестинацијата каде што сакате да одите и веднаш ќе ја добиете најбрзата рута.

Ulmon City Map – можете да преживеете и без Интернет

До неодамна беше скоро невозможно да користите мапи без Интернет. Но, кога се појавија офлајн мапите, сè се смени. И како најдобра од сите, се покажа токму оваа апликација. Со нејзина помош вие можете да ги пронајдете сите сакани локации, без разлика дали станува збор за градови или за културни знаменитости, музеи, ресторани, хотели… Сè ќе ви биде на само еден допир оддалечено.

Sworkit – за зависниците од тренинг

Доколку не сакате да престанете со вежбање дури и кога патувате, тогаш оваа апликација е идеална за вас. Сè што треба да направите е да ги внесете своите податоци, видовите вежби и целта што сакате да ја постигнете со вежбањето и оваа апликација ќе ви направи пресонализиран план за тренинг во кој град и да се наоѓате.

RedZone – безбедност пред сè

Во многу градови ширум светот постојат зони каде што туристите, за жал, не се добредојдени. Со цел да ја одржите својата безбедност на патувањето, ви предложуваме да ја инсталирате оваа апликација што ќе ви помогне да ги одбирате безбедните рути за движење низ новите градови. Доколку видите црвена област на мапата, тогаш држете се настрана од неа.

Погледнете ги и овие 10 корисни функции на вашиот смартфон за кои веројатно немате слушнато.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар