Skype етика
Скајп станува ултра-популарна алатка во секојдневната комуникација на многумина. Корисниците на ова парче софтвер ја обожаваат едноставноста во користењето, пријатниот интерфејс и можностите за пишана, аудио и видео комуникација. Наоѓајќи се на 4-тото место според бројот на корисници, веројатноста дека многу ваши пријатели ќе се најдат како контакти кои секојдневно ќе ве контактираат на еден од разните начини, е многу голема. Но, не сите луѓе знаат да постапуваат правилно додека користат скајп. Во продолжение, еве неколку совети за етичко и неиритирачко однесување на скајп.
1. Комуникацијата секогаш треба да ја започнете учтиво и да чекате личноста од другата страна да ви одговори, пред да ја нападнете со она што имате да го кажете.
Доколку не добиете одговор, едноставно напишете нешто во стилот: „Изгледа не си тука, ќе ти пратам имејл“. Исто така, не треба да се навредите ако некој ја напушти комуникацијата ненадејно, без да ве извести за тоа и потоа повторно се врати после еден час или дури и по неколку дена.
2. Немојте да го злоупотребувате копчето Ентер од тастатурата.
Разбираме дека вашата мисла е многу осетлива на времето, па наместо да ја напишете целата реченица, едноставно притискате Ентер на средина на реченицата или зборот. На тој начин, вашиот соговорник знае што сакате да кажете уште на почетокот на реченицата, без да мора да ја чита истата докрај. Помислете дека секој пат кога ќе притиснете Eнтер, на вашиот соговорник му бипка компјутерот за да му сигнализира пристигнување на нова порака. Ова многу вознемирува. Затоа, пишувајте целосни реченици, дури и пасуси пред да го притиснете големото копче. Луѓето ќе го ценат тоа.
3. Немојте веднаш да почнувате аудио повик.
Пристојно е прво да почнете со пишана порака. Доволно ќе биде нешто од типот: „Онлајн си? Имаш време да ти се јавам на кратко?“ Вознемирувачки е кога скајп почнува да ѕвони од никаде. Може да се случи соговорникот по грешка да го прифати разговорот кој имал намера да го одбие, а вие да му предизвикате губење на слухот поради јачината на вашиот микрофон. Уште ако имате и вклучено видео и притоа барате и тој да го стори истото, ќе биде премногу. Некому можеби не му е до бучно попладне.
4. Видео повиците не се ваше право дадено од Господ.
Само затоа што вам ви се зборува со видео, не значи дека исто се чувствува и другата страна. Можеби вашиот соговорник моментално седи раскомотен по дома во својата долна облека, со лоша фризура и растурена соба во позадината. Вие можете да изберете да направите видео повик со вашиот соговорник, но ако тој сака да го направи истото, ќе го стори тоа, не мора дополнително да му го побарате тоа. Ако веќе го вклучите вашето видео пак, внимавајте како се однесувате. Многу смешно ќе изгледате ако се фрцкате пред камерата 90% од времето. Не заборавајте, соговорникот го гледа истото што и вие. Веб-камерата не е огледало.
5. Не претпоставувајте дека ситуацијата од другата страна е чиста.
Никогаш не брзајте да пратите некоја важна порака до некој кој во моментот можеби се наоѓа на јавна презентација служејќи се со својот лаптоп. Пораката која ја кажувате во доверба ќе заврши проектирана на ѕидот пред сите присутни во просторијата. Затоа, секогаш треба да ја започнете комуникацијата со мек разговор и да почекате соговорникот да ви одговори пред да се избрзате да напишете нешто осетливо. Не заборавајте дека други луѓе може да стојат зад компјутерскиот екран на вашиот соговорник, така што бидете внимателни со праќање доверливи информации без да се осигурате кој сѐ ги прима.
Јас би додал и да не се злоупотребува користењето на големи букви, што, според чет културата, значи дека доколку разговорот би се водел во реални околности дека вие би користеле повишен тон, односно би викале. Многу луѓе често го остава CAPS LOCK уклучен и тоа знае страшно да иритира.
Така да имајте ги сиве овие работи предвид пред да се истрчате и да направите нешто со кое потенцијално би можеле да го навредите или изнервирате вашиот соговорник (освен ако не сакате намерно тоа да го сторите) :))))))