Клупа што „ве гледа“ додека твитате
Замислете си: седите на клупа и си твитате, а вашите пријатели во живо следат, не само што пишувате, туку буквално вас и вашата непосредна околина. Ова не е обид да се замени Големиот брат, туку еден интересен проект на дизајнерот Кристофер Мекникол. Негов производ е т.н. TweetingSeat, интерактивен медиум кој го следи и снима однесувањето на луѓето кои твитаат додека го користат.Клупата за твитање е дел од еден интерактивен парк, а дизајнирана е со цел да го истражува потенцијалот за поврзување на дигиталната и физичката комуникација. Функционира на тој начин што фаќа фотографии од корисниците кои твитаат додека седат на неа, како и од нивната околина и потоа ги качува и испраќа во вид на Твитер-фид во живо. На овој начин, им се овозможува на луѓето да комуницираат и во живо и виртуелно. Секој пат кога некој ќе седне на клупата, таа прави фотографии со помош на две камери, кои веднаш ги поставува на Твитер. Едната камера е поставена на самата клупа и „ја гледа“ околината, додека другата е поставена во близина на клупата и „гледа“ во луѓето кои ја користат.