Како да го избегнете тресењето на фотоапаратот?
Тресењето на фотоапаратот е проблем со кој се соочуваат сите фотографи. Иако многу леќи доаѓаат со технологиите VR – Vibration Reduction (намалување на вибрациите) или IS – Image Stabilization – стабилизација на сликата, сепак не секој може да си дозволи ваква опција, а дури и најдобрите фотографи немаат идеално стабилни раце. Еве неколку совети со кои ќе го намалите ефектот од тресењето на фотоапаратот:
1. Лактите внатре!
Обидете се да држите добра, силна позиција – нозете и рамената поставете ги широко раздвоени и стојте високо исправено, држејќи го фотоапаратот цврсто до лицето. Клучно е да се свиткаат лактите кон внатре, што ќе помогне да се потпре горниот дел од телото и да се намалат шансите за движење на рацете.
Исто така, помага доколку се издишите или пак вдишите воздух и го задржите здивот додека ја правите фотографијата, бидејќи дури и ширењето на белите дробови може да предизвика мало, но сепак непосакувано движење.
2. Држете ја таа позиција
Има две популарни позиции кои можете да ги зафатите за да добиете поголема стабилност. Првата е во клекната положба, со едното колено напред, кое на тој начин служи како потпора за лакотот. Повторно важи правилото дека фотоапаратот треба да е припиен до лицето и да се издиши воздухот пред да се почне фотографирањето.
Другата опција е да легнете исправени на земја, потпирајќи ги лактите напред. Ова дава целосна стабилност бидејќи ја користите земјата како потпора, но често е тешко да се примени поради ограничувањето на видливиот агол. Но, може да даде и добра перспектива, па обидете се.
3. Навалете се
Еден од најдобрите начини да останете стабилни додека фотографирате е да најдете цврста структура на која ќе се навалите, како на пример ѕид, ограда или бандера. Зависно од висината, можете да го потпрете и фотоапаратот, но некогаш е доволно само да се навалите, да ја препуштите тежината на објектот и со тоа ќе ја добиете потребната стабилност.
Уште еден совет кој ќе ви помогне е да бидете што поблиску до субјектот што го фотографирате. Што помалку треба да зумирате, толку помал ќе биде ефектот од движењето.
4. И секако, носете триногалка (tripod)
Последното и најдобро практично решение е да си носите триногалка со вас. Ова ќе ви ја гарантира стабилноста и ќе го намали ризикот од тресење на фотоапаратот. Секако дека не е згодно секогаш да носите голема триногалка со вас, па затоа можете да инвестирате во некоја мала која сепак, ќе ви ја даде истата стабилност. Исто така, можете да користите кабел за фотографирање на далечина (cable release) или тајмерот на вашиот фотоапарат за да избегнете движење дури и при самото отворање на блендата.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.