Фустан кој станува проѕирен ако се возбудите
Холандскиот моден дизајнер Daan Roosegaarde, основач на студиото „Roosegaarde“, креирал модна линија на хај-тек фустани кои стануваат провидни под влијание на емоциите на оние кои ги носат. Ха, одлично за на љубовен состанок.
Модната линија се вика „Intimacy 2.0“ и претставува проект кој ја изразува врската помеѓу технологијата и интеракциите кои ги остварува телото со луѓето од околината. Самите фустани, кои ги има во бела и црна варијанта, се направени од паметни непроѕирни е-фолии, па кога телото ќе се возбуди и срцето ќе почне забрзано да чука, спроводниците стануваат транспарентни.
Паметните фолии комбинираат ЛЕД светилки, безжична технологија, бакар и други материјали. Социјалните интеракции го одредуваат нивото на транспарентност на облеката, креирајќи ефект на сензуално разоткривање на женското тело.
Концептот не е сосема нов, компанијата работеше на ваков проект и во 2010, но новата колекција се промовира токму во пресрет на Денот на вљубените. Фустаните се моментално изложени во Хонг Конг и Париз, додека за поширока јавност, ќе бидат достапни моделите од следната верзија на оваа модна линија, велат од компанијата.
Студиото не ги занемарува ниту мажите, па во полза на понежниот пол, моментално работи на костуми кои стануваат проѕирни кога мажите лажат.
Интересна идеја, но дали би се осмелиле да облечете облека која може да ве разоткрие како се чувствувате?
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.