Фокусирајте ја вашата публика со Sketch It
Денес можеме многу да си ја олесниме работата, ако ги користиме софтверските алатки кои ги имаме на располагање. Замислете си како имате онлајн презентација, им ги покажувате вашите идеи на колегите или подготвувате туторијал кој ќе се базира на слики. Нели би ви се нашло виртуелно моливче со кое ќе можете да цртате по екранот? Ние налетавме на алатка која го овозможува тоа, ни се најде, па ви ја предлагаме и вам. Се вика „Sketch It“.
Ова мало и бесплатно парче софтвер ќе ги направи вашите презентации поинтересни за публиката и ќе го задржи нивното внимание фокусирано на она што им го покажувате. Целата работа се сведува на неколку контроли од тастатурата и влечење со моливчето преку екранот. Sketch It е различен од другите софтвери од овој тип, бидејќи овозможува цртање преку прозорците од различните апликации кои се моментално отворени, односно не ја ограничува акцијата само во рамките на еден прозор.
Уште една одлична опција е што ви дозволува да го копирате или пренесете цртањето на друг монитор, па доколку се наоѓате пред поголема публика, присутните ќе се чудат како вашето глувче остава траги во боја врз екранот. Бојата секако можете да ја менувате, како и острината на моливчето. Останатото е на вашата креативност и способност за слободно движење на раката, онака како што тоа го замислувате во вашата глава.
Алатката работи во позадина и додека работите нема да ви пречи нејзиниот прозорец. Доколку сакате да смените некоја опција, само повикајте го менито со магичните „зборови“: Ctrl + Shift + Z.