Безвремен луксуз во вашиот џеб
Луксузниот телефон од Aesir Copenhagen е нов воодушевувачки модел, дизајниран од страна на Ив Беар. Во време кога мобилните телефони вклучуваат толку многу функции и претставуваат сè што ни треба спакувано во еден уред, моделот на Беар може да делува малку „еднодимензионално“. Од почеток до крај, ова е само телефон, без GPS, без камера, без интернет и заразни игри. Ова е уред кој е едноставен и практичен за држење в рака, но истовремено сензационален, со луксузен дизајн.Идејата на Ив Беар се базира на ставот дека уредите за комуникација треба да се одликуваат со долготрајност и уникатност, со оглед на големите количини пластиката кои завршуваат во отпадот. Како што постојано излегуваат нови, подобрени верзии од паметните мобилни телефони и со оглед на тоа што договорите со мобилните оператори ни овозможуваат поволни услови за редовно заменување на старите уреди со нови, она што го нуди Баер е луксузен уред од безвремен карактер, но сепак, со основна комуникациска функционалност. Исто како што љубителите на скапи, уникатни часовници, носат еден модел на својот зглоб со децении, така и овој мобилен телефон им е наменет на оние кои сакаат да покажат едноставност и стил преку предметот што го носат во својот џеб.Телефонот на Ив Беар е достапен во варијанта со 18-каратно жолто злато и со преработен не’рѓосувачки челик во комбинација со керамика. Но, безвремениот телефон бара инвестирање на безвремена сума. Имено, за златната верзија ќе треба да платите 59.000 американски долари. Па, иако идејата на Беар е за почит, можеби сепак полесно ќе ни биде да размислуваме што да направиме со стариот уред откако ќе го замениме со нов, барем додека не го заработиме првиот милион. А потоа, нема проблем, би се луксузирале.