9 нерешени етички проблеми поврзани со виртуелната реалност
Во последните неколку години е забележан значаен напредок на виртуелната реалност (ВР). Квалитетот на ВР-очилата е сè подобар, понудата на соодветни содржини расте, а само во еден квартал од 2017 биле продадени повеќе од еден милион ВР-сетови. Инженерите секој ден работат на подобрување на опремата, но и на содржините, како и намалување на нивните цени, за да бидат достапни за што поголема публика.
Видливите проблеми, секако, се решливи и со работа може да се придонесе за физичкото подобрување на целата оваа технологија, но остануваат уште неколку неодговорени прашања од аспект на етиката на функционирањето на светот на виртуелната реалност.
1. Заштита на корисникот
Поради тоа што при носење на ВР-сет воопшто нема реално видно поле, постојат ризици од удирање во предмети дома (или во околината), односно да дојде до физичка повреда. Токму затоа е потребно да се надополнат сетовите со нешто што ќе штити од вакви удари, како што е, на пример, сензор кој ќе реагира на секое доближување кон некој предмет.
2. Социјална изолација на корисникот
Како и другите технолошки апарати кои ги имаме, така и виртуелната реалност може да предизвика зависност и поминување предолго време со ВР-сет на очите. Поради тоа, треба да се регулира и ограничува времето поминато во виртуелна реалност.
3. Порнографија
Дистрибуирањето на онлајн порнографските содржини не може да се спречи, а етичко прашање наметнува и фактот дека се лесно достапни за сите уреди. Притоа, постои ризик дека при ВР-искуството се можни сексуални однесувања кои вообичаено не се прифатени од општеството.
4. Виртуелен криминал
Развојот на оваа технологија доведе и до можност за виртуелно присуство во игрите кои претходно ги игравте на мобилен телефон. Влегувањето во виртуелна реалност во игри полни со насилство и криминал уште е тема на многу етички дебати.
5. Преклопување со реалноста
По поминато предолго време во виртуелниот свет, на корисникот може да му биде доста тешко да се врати во реалноста и да се однесува исто како пред да почне да користи ВР-опрема. Резултат на тоа може да бидат промени во однесувањето и нарушување на односите со луѓето, особено затоа што сметаат дека карактеристиките на ВР-светот важат и во секојдневниот живот.
6. Трауми при играње
Иако ретко, предолгото „живеење“ во виртуелниот свет може да предизвика ефекти на посттрауматско стресно нарушување. Во ВР-игрите корисникот е принуден да носи одлуки, да дава наредби, но и да се справува со последиците. На овој начин текот на играта може да предизвика трауматски состојби кај корисникот.
7. Виртуелна реалност како начин за тортура
Виртуелната реалност може да послужи и да се нанесе траума на некое лице. На пример, припадник на војска во ВР-сетовите со очила може да гледа апарат за тортура, со тоа што на казнетите ќе им се пуштаат вознемирувачки содржини и тие ќе бидат принудени виртуелно да ги доживуваат. Доколку дојде до такво нешто, би било доста тешко да се лоцира, санкционира и искорени.
8. Виртуелни патувања
Виртуелната реалност може да ни дозволи секој ден да патуваме на различно место, а всушност да сме дома, во удобноста на нашиот кревет. Ова може да значи и дека некои ќе понудат виртуелни посети на места кои во реалноста се забранети за туристички тури. Затоа, се поставува прашање, ќе постојат ли ограничувања во однос на виртуелните патувања.
9. Приватност на корисникот
Секоја нова технологија со себе го носи и проблемот на заштита на приватноста на корисникот. Кога е виртуелната реалност во прашање, предвидени се голем број содржини, но никогаш не се знае дали кога се изработуваат, се мисли и на правото на приватност. Големата етичка дилема е: дали да се дозволи рекламирање преку ВР-апликациите или пак ова искуство сепак да биде поиндивидуално и поизолирано.
Потсетете се и на 4-те погрешни начини на кои се користи технологијата.