5 трикови за чистење на вашиот лаптоп и однадвор и однатре
Веќе е добро познато дека компјутерските тастатури може да бидат понечисти дури и од даската на тоалетната школка, но и покрај тоа често забораваме редовно да ги чистиме и дезинфицираме. Во суштина, препорачливо е секојдневно да се пребришува и лаптопот, особено тракпедот, бидејќи може да биде поконтаминиран дури и од банкнота која долго е во промет. Но, важно е да го исчистиме лаптопот и однатре.
Надворешни површини
Најпрво, компјутерот треба да биде целосно исклучен, со отстранет полнач. Избришете ги сите надворешни делови со минимално влажна крпа и малку детергент или со дезинфекциски влажни марамчиња. Избегнувајте производи кои содржат аеросоли, амониум, хидроген пероксид, ацетон или абразиви, за да не ја оштетите површината на вашиот лаптоп. Потоа пребришете со суво хартиено марамче или со мека микрофибер крпа.
Екран
За да го исчистите екранот, мора да бидете особено внимателни, затоа што преголема влажност може да го оштети. И во овој случај може да користите сосема малку влажна микрофибер крпа или влажни марамчиња специјално произведени за оваа намена. Овој совет можете да го примените и за вашиот телевизор.
Тастатура
Со тастатурата исто така треба да бидете многу внимателни, затоа што не смеете да дозволите да навлезе течност под копчињата. Можете да користите специјална правосмукалка за електроника или мал компресор со воздух кој ќе ги издува надвор сите честички. Држете го лаптопот поставен со тастатурата под агол од 75 степени, за да се осигурите дека сите ронки и прашинки ќе излезат од внатрешноста. Потоа, со помош на парче памук натопено во алкохол пребришете ги копчињата. Алкохолот веднаш испарува и не остава влажни траги. Секако, не смеете да претерате со количината. Исто така, постои и специјална полимерна растеглива леплива маса (слична на популарните „слајми“) со која можете да ја исчистите прашината од тастатурата.
Глувче и тракпед
Како што веќе споменавме, овие делови може да бидат неверојатно нечисти, а насобраните наслаги високо контаминирани. Користете антибактериски влажни марамчиња за глувчето и тракпедот.
Насобрани фајлови и апликации
Откако веќе го исчистивте надворешно, вклучете го компјутерот и разгледајте го внимателно. Избришете ги сите непотребни слики, фотографии, документи, торенти, апликации и програми кои не ги користите, папката со податоци симнати од Интернет и секако, испразнете ја и корпата за отпадоци (Recycle Bin).
Практикувајте го ова чистење на вашиот лаптоп барем еднаш во неделата.
Прочитајте ги и овие 5 причини поради кои вашиот компјутер е иритирачки бавен.