Заврши третиот по ред филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“
Свеченото затворање на Фестивалот за млади „Џифони Македонија“ се одржа на 11-ти октомври во киното Милениум, каде беа претставени финалните продукти и изведби кои учесниците ги подготвуваа во текот на петте фестивалски дена, и беа прогласени најдобрите филмови според изборот на младото жири.
За најдобар филм во категоријата Јуниори беше прогласен „Чесен пионерски збор 2“ во режија на Александар Карпиловски, а плакетата му беше врачена на продуцентот на филмот, г. Владимир Есинов, кој заедно со Владимир Јастреба, претставник од Рускиот културен центарот во Софија, Бугарија беа специјални гости на фестивалот.
За најдобар филм во категоријата Кадети беше прогласен филмот „Прибежиште“ во режија на Марк Брумунд, додека во категоријата Сениори наградата за најдобар филм му припадна на филмот „Шеснаесет“ во режија на Роб Браун.
Традиционално, за време на фестивалот се бираат и најактивните учесници во секоја категорија и тие ќе одат како претставници на Џифони Македонија на други меѓународни фестивали. Така, за најактивни учесници во категоријата ЈУНИОРИ беа одбрани: Лука Грашковски, Лука Крстев, Николија Пехчевска и Ева Стојановска, кај КАДЕТИТЕ: Севдалина Дамевска и Јаков Наумовски, а од СЕНИОРИТЕ Тамара Барсова и Тино Апостоловски.
И покрај тоа што ова беше последниот фестивалски ден за младите учесници, по изразот на нивните лица беше видливо дека ова не е разделба со фестивалот, туку дека ќе ја носат, збогатуваат и умножуваат креативната енергија што тука ја акумулираа овие пет дена – сѐ до наредното издание на „Џифони Македонија“.
Фестивалот оваа година за прв пат беше поддржан од страна на официјалениот партнер Македонски Телеком кој како Џифони пријател во текот на петте денови заедно со Агенцијата за филм на Република Македонија, Здружението за ширење на филмската култура и Giffoni Experience, Италија се обидоа преку филмот и богатата филмска и едукативна програма на третото издание на фестивалот да создадат уште една успешна приказна исполнета со нови можности и нови искуства за младите во нашата земја како и младите од другите земји кои се дел од интернационалното жири.