Volkswagen Golf ја освои наградата „Златен волан“ за 2013 година
Volkswagen за кампањата „Der Golf. Das Auto” ја освои и наградата „Златен волан“ за најдобра рекламна кампања…
Бестселерот, Golf според кој е именувана цела класа на возила, ја освои наградата „Златен волан“ за 2013 година. Volkswagen повторно освојува награда која е меѓу најпрестижните во автомобилската индустрија. Наградата беше доделена вчера вечер во Берлин, а ја подигна д-р Хајнц Јакоб Нојсер, член на одборот на директори во одделот за развој на брендот Volkswagen патнички возила. Дополнително Volkswagen ја освои и наградата „Златен волан“ за најдобра рекламна кампања која беше наменета за лансирање на новиот Golf 7. Наградата ја подигна Кристијан Клингер, член на управниот одбор за продажба и маркетинг на групацијата Volkswagen и брендот Volkswagen патнички возила.
Меѓународната награда „Златен волан“, која ја доделува реномираното автомобилско списание „AUTO BILD“ и „BILD AM SONNTAG“, по 38-ми пат ги прогласува извонредните нови модели во автомобилската индустрија. Над 200 000 читатели, како и жирито составено од автомобилски новинари, техничари, тркачи, дизајнери и познати личности, учествуваа во гласањето. Golf 7 триумфираше и повторно се најде пред своите конкуренти во категоријата компактни автомобили.
„Оваа нова награда за нас претставува признание и мотивација. Golf останува неприкосновен бестселер, со повеќе од 30 милиони произведени примероци. Ние сме сигурни дека Golf со многуте иновативни системи и варијанти одлично е опремен за иднината“, изјави д-р Нојсер на церемонијата по повод доделувањето на наградите.
На свеченоста беше доделена и наградата „Златен волан“ за рекламна кампања. Volkswagen ја освои и оваа награда за кампањата „Der Golf. Das Auto“. Изборот на најдобрите кампањи беше направен со интернет гласање на Bild.de и Autobild.de, како и со гласовите на стручното жири составено од единаесет претставници од маркетинг секторот, медиумите и агенциите за истражување на пазарот. Наградата ја прими Кристијан Клингер, член на управниот одбор за продажба и маркетинг на групацијата Volkswagen и брендот Volkswagen патнички возила.
„Целта на рекламирањето е да се допре до луѓето преку автентични, човечки, привлечни и јасни пораки. Мило ми е што успеавме со оваа кампања да го направиме тоа толку добро и да ги придобиеме членовите на жирито како и поголемиот дел од читателите, но пред сè клиентите на новиот Golf 7“ – изјави Кристијан Клингер откако ја прими наградата „Златен волан“ за рекламна кампања.
Покрај наградата „Златен Волан“ седмата генерација на Golf веќе освои бројни значајни награди, како на пример „Светски автомобил на годината за 2013“, „Авто Трофеј“, „Најдобар Европски Автомобил за 2013 година“, „Auto der Vernunft“ (Автомобил на Разумот) и пет ѕвезди на „Euro NCAP“.
Дополнително, следната година ќе се прошири и опсегот на моделски варијанти со модерното компактно возило, Golf Sportsvan. Кај моделот постои голема разновидност и голем избор на погонски системи. Golf на располагање има повеќе бензински (TSI) и дизел (TDI) мотори, како и (TGI) мотори на природен гас. Во 2014 година ќе бидат лансирани и новите Golf plug-in хибрид и e-Golf.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.