Во тек е мултимедијалнa изложба „Патување низ историјата на џезот“ во организација на Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија
Истовремено со Скопскиот Џез фестивал во Скопје, во иновативниот центар на Македонски Телеком кој се наоѓа на плоштадот Македонија, за сите посетители отворена е мултимедијалната изложба под името „Патување низ историјата на џезот“.
Оваа изложба, во организација на Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија има за цел да го доближи џезот до пошироката публика преку интерактивен и мултимедијален пристап токму во период кога се одржува и култниот „Скопски џез фестивал“. Изложбата овозможува запознавање со основите на џезот, со неговите почетоци и основоположници – правејќи го џезот подостапен за сите, со помош на технологијата.
За успешна реализација беа вклучени и стручните искуства и знаења на Ален Хаџи Стефанов, сопственик на „Џез фм“ кој ги сподели своите импресии:
„Вложивме огромен труд и работа за да ја спакуваме и сработиме изложбата онака како што изгледа и тоа во екстремно кратко време. Делумно прелистувајќи ја нејзината содржина сфатив дека сум многу горд на проектот, бидејќи целосно се вклопува со тоа во кое длабоко верувам и работам веќе некое време. Изложбата е едукативна, но пред сè историски точна и благо забавна, испрскана со вистински анегдоти за овие колоритни ликови, легенди на џез музиката. Целта беше да ја спакуваме содржината во што поконцизна форма и да ја презентираме на ниво разбирливо и достапно за сите, а сепак без да ги изневериме и најголемите познавачи на оваа музика. Мојата цел е секогаш да се оддалечуваме од снобовските тенденции на оваа музика и враќање на истата кон оние од кои таа потекнува, обичните луѓе.“
Изложбата е одлична можност за сите кои што би сакале да се запознаат со музиката која го одбележа 20-тиот век и со нејзините најпознати претставници како Луис Армстронг, Дјук Елингтон, Дизи Гилеспи, Мајлс Дејвис, Чик Кореа и уште многу други оригинални личности и музички гении.
Освен основните информации за запознавање со џезот, изложбата се осврнува и на интересни факти и анегдоти поврзани со овие луѓе, нивните гледишта и нивниот стил на живот.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.