Успешно заврши проектот „е-Engagement“ за усовршување на дигиталните вештини на младите луѓе
Во организација на НВО „Младински сојуз”, а со поддршка на фондацијата е-Македонија, се одржаа едукативни работилници во Куманово, Струга, Штип и Кавадарци.
Од 21 до 23 ноември, како дел од проектот „e-Engagement“, во Прилеп се одржа завршна конференција на која учествуваа најмотивираните и најактивните учесници од едукативните работилници кои се одржаа изминатиот период во Куманово, Струга, Штип и Кавадарци.
Проектот е организиран од страна на „Младински Сојуз“, а со поддршка на фондацијата е-Македонија на Македонски Телеком.
Овој едукативен караван имаше за цел да ги мотивира младите да развијат вештини и поефективно да се вклучат со дигиталното општество.
„Преку овој проект се обидовме да ги охрабриме младите да ги користат дигиталните алатки во насока на себеусовршување, а потоа и во насока на градење позитивни промени во општеството преку нивна употреба“ – изјави Маријана Јанческа, прв проектен асистент на проектот „e-Engagement“.
На конференцијата, на која учествуваа 50 млади лидери се дискутираше за поефективно електронско учество, а беа презентирани и неколку успешно спроведени акции во Македонија преку социјалните мрежи.
„Наша цел како фондација е поефективно вклучување на младите во е-заедницата, а преку проектот „е-Engagement“ го постигнавме токму тоа. Интересот и посетеноста на работилниците јасно покажаа дека има и тоа каква потреба за мотивирање но и усовршување на младите за подобро користење на дигиталните медиуми што ќе им помогне подобро да се интегрираат, да реагираат и да се вклопат во општеството“ – изјави Радмила Јончевска, директор на фондацијата е-Македонија на Македонски Телеком.
Проектот „е-Engagement“ опфати 5 градови низ Македонија, а учество земаа над 200 млади луѓе.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.