Училиштето „Нова“ одбележува две децении јубилеј со изложба на дела од 20 поранешни ученици
Меѓународното училиште „Нова“ утре (четврток, 1 јуни) во 20 часот во Музејот на град Скопје ќе одбележи две децении постоење со изложбата „Сеќавања“ на која ќе бидат претставени дела од ученици кои низ годините образованието го стекнале во оваа институција. Присутните ќе може да погледнат дела на 20 автори од различни генерации кои по заминувањето од „Нова“ својата универзитетска диплома ја имаат добиено во сфери кои се директно или индиректно поврзани со уметноста.
Изложбата се реализира под водство на професорката по ликовна уметност, д-р Марјана Костојчиноска Узунчева, а следниот ден по отворањето на „Сеќавања“ ќе се одржат и работилница и предавање. На 2 јуни во 11 часот магистер Милош Б. Андоновски кој е професор по театарска уметност во „Нова“ ќе одржи предавање на тема „ Влијанието на театарското образование врз развојот на личноста кај средношколците или Зошто да се воведе театарско образование во средните училишта во Македонија“. Истиот ден во 12 часот, професорот по фотографија во оваа образовна институција Дарко Петровски ќе одржи работилница за естетиката на фотографијата.
„Во изминатиов период, генерации на наши ученици покажаа извонредни достигнувања креирајќи своја уникатна уметност. Избраните дела претставуваат прозорец кон нивните лични, интимни ставови и согледувања, изразени преку културниот идентитет, современите политички и социјални ставови“, истакнуваат од училиштето „Нова“.
Дел од авторите чии дела ќе бидат изложени се: Виктор Ивановски кој има дипломирано на Шеридан колеџ, Генц Ислами Бела од Училиште за визуелни уметности, Марија Ангеловска и Симона Кицуровска од Хогескул вор де Кунст во Утрехт, Тамара Гроздановска од ФОН, Моника Новковиќ од ТУ Делфт, Кристина Лозановска и Наташа Азманова од Архитектонскиот факултет и Александра Шекутковска од ЕТХ Цирих – Архитектонски факултет. Присутните ќе погледнат и слики од: Ива Спасовска од ЕСРА, Георги Малински Унковски од ФАМУ – Институт за театрологија во Цирих, Емили Перкинс од УКЛА, Сара Ислам и Беркин Ислам од Асоцијацијата на архитектура – Училиште за архитектура, Владимир Воиновски од Колеџот за уметност во Лидс, Михаела Стојановска од Академија Италијана, Ана Јакимовска од Факултетот за драмски уметности, Дона Урдин од Гномон училиште за визуелни уметности, Мари Јанева од Кралската академија за уметности во Хаг и Лабин Новаков од Отис училиштето за уметности и дизајн во САД.