Тиквешијата - Долина на боговите

Тиквешијата – Долина на боговите

Историјата себично и недвосмислено го нарекува виното еликсир на животот пијалак на боговите, но како најчест термин кој се користи е изразот вино – дар од боговите. Постојат премногу легенди за тоа како пијалакот на боговите дошол кај обичните смртници. Една од нив вели дека еден од боговите толку многу се заљубил во некоја девојка, па иако забрането, ја понудил да се напие од овој волшебен напиток. Се смета дека тоа бил Зевс богот над боговите познат по тоа што уживал во друштво на убавите девојки. Друга од легендите зборува за тоа дека некој од боговите толку многу се напил, што во таква состојба ја издал тајната на неговите слуги кои биле обични смртници. Се смета дека боговите не случајно го избрале токму Тиквешкиот регион за производство на вино. Имајќи го овој предизвик пред себе тоа место морало да биде блиску до море на југ, а далеку од високите планини на север. За да направат брана која ќе може да ги спои северната и јужната клима ја создале Демиркаписката клисура која ги спојува овие две клими, а не дозволува доминација ниту на едната ниту на другата. Знаејќи дека на виновата лоза и се потребни големи количини на вода ги создале трите реки кои долината ја ставаат во средина тоа се реките Вардар, Црна река и Бошава.

1-tikveshijata-dolina-na-bogovite-kafepauza.mk

Производството на вино има континуитет и во античкиот и во римскиот период

Приказните за Тиквешката долина се поткрепени со факти и со преданија.

Од античко време на овие простори населението оддавало огромна почит на грчкиот бог на виното, веселбата и плодноста – Дионис, во чија чест се организирале т.н. Дионисови денови. За тој празник луѓето се веселеле, јаделе и пиеле до бессознание. Ваквите денови биле забранети од императорот Проб во 186 г

Виното во овој период се користи како платежно средство, односно со него можело да се тргува за размена на стока или пари, а во подоцнежниот период било користено и за плаќање на данок.

Епитетот „долина на боговите“ на Тиквешкиот регион се зајакнува во 4 век п.н.е. со фактот што Александар Македонски и неговата војска пиеле вино од денешните граници на Тиквешијата. Кралот Александар бил првиот промотор на квалитетот на виното од Тиквешката долина нудејќи го како подарок на своите покорени благородници.

Сето ова е поткрепено со бројни археолошки артефакти изработени од камен, мермер и теракота на кои се претставени цртежи од грозје и винова лоза кои се пронајдени на територијата на Тиквешката долина. Една од највредните експонати е статуата на богот Дионис која за жал се наоѓа во музејот во Белград во соседна Србија.

Одгледувањето на виновата лоза има континуитет и во Римското царство. Но сега наместо Дионис, во чест на римскиот бог Бахус кој според Римската митологија е бог на виното, плодноста и веселбата. Во негова чест се организирале двапати годишно денови наречени Баханалии на кои се славел богот на виното и грозјето.

Бројноста на археолошки локалитети од ова време е големо. Најзначаен е локалитетот Стоби, Пешков рид каде што се пронајдени мозаици, пехари, алатки за обработка на виновата лоза како и садови за складирање на виното.

2-tikveshijata-dolina-na-bogovite-kafepauza.mk

Средниот век и доаѓањето на Османлиите

За тоа колкаво значење имала Тиквешката долина и Тиквешкиот регион говори фактот што во владеењето на династијата Немањиќи во 14-ти век овој регион бил подарен на светогорските манастири Хилендер и Пентелејмон. Во тоа време манастирите се јавуваат како најголеми производители на вино, а за неговиот квалитет говорат факти од преданија дека Европските благородници имено своите визби ги полнеле од виното од Тиквешката долина.

За тоа пред се сведочи манастирот св. Никола Моклишки во кој до пред доаѓањето на Османлиите живееле повеќе од 100 монаси. Тука се произведувало најквалитетното вино од кое се полнеле чашите на европските аристократи. Но, со доаѓањето на Османлиите самата тајна како и таинствениот начин на преработка на виновата лоза исчезнуваат засекогаш.

Со навлегување на Османлиите производството на вино драстично опаѓа поради муслиманската религија и забраната за консумација на алкохолот. Познато е дека Османлиите биле љубители на слатки работи. Тие донеле многу нови сорти на грозје од мала Азија како афус-али, чафкарие, чауш, малвазија. Тоа допринело да денеска во регионот се приготвуваат безброј рецепти на слатко од грозје, гроздов сок, шира и сл.

Во времето на Османлиите од општинските пописни тефтери на Ќустендилскиот и Солунскиот вилает во кои се наоѓале околу 70 села од Тиквешијата бил воведен и данок во шира кој се викал ушур (десеток) а најголеми производители биле селата: Хохово, Ваташа, Ресава, Бошава, Дреново, Моклиште, Сопот, Раштани и Возарци.

За виното произведено во с.Ресава се говорело надалеку, односно за неговиот квалитет и густина кое се пренесувало во крпи. Кога имало многу родни години виното се користело за плитари за куќите и плевните. Остатоци од овие куќи има и денес во Ресава.

Виното се извезувало

За големиот број лозови насади и квалитетното вино како и живописноста и уникатноста на долината и Тиквешкиот регион пишувале и најпознатите патописци Ами Буе, Евлија Челебија и др.

Како суровина виното се извезувало со камили, коњи и магариња се до средината на 19 век. Првите пишани информации се од 1860 година во кои само на територијата на град Кавадарци било забележано производство од 600.000 литри вино, а со изградбата на пругата Солун–Скопје во 1876 година почнува масовниот извоз на вино од тиквешката долина. Само во 1885 година од Кавадарци биле преработени 500 вагони грозје, а биле извезени 800.

Истата година се формира и првата приватна винарија Тиквеш со што се удрени темелите на модерното лозарство и винарство во Тиквешијата.

Кралот Караѓорѓевиќ го одбира тиквешкиот регион како место каде ќе биде сместена кралската винарија на династијата Караѓорѓевиќ.

Дали навистина боговите вистински го создале оваа место да биде извор на нивното вино останува сами да заклучиме, но доколку се повикаме на фактите, тие неприкосновено говорат дека Тиквеш е долината од каде боговите, но и сите останати го пиеле најубавото вино.

Автор: Крсте Соколов

Историски податоци: Петре Камчевски


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар