Стопанска Банка инвестира во сообраќаен полигон за деца
Како пример за општествено одговорна компанија, во своето делување Стопанска банка покрај највисоките професионални стандарди посебно внимание посветува на оркужувањето во кое делува и во неговото оплеменување.
Како најголема инспирација за нашите досегашни општествено одговорни активности биле децата за кои инвестиравме во образование, благосостојба, здравство и оттука сакаме да продолжиме со донација на урбан едукативен велосипедски полигон за жителите на Град Скопје.
По тој повод Банката го иницира и промовира проектот „Вози право, вози здраво“ кој има за цел да ја подигне свеста за предностите на алтернативните начини на превоз како нешто особено значајно за градот Скопје, но и да создаде здрави навики посебно кај најмладите.
Со цел да се обезбеди што поголема поддршка и инволвираност на ѓраѓаните Стопанска банка постави веб банери на најпопуларните сајтови, на кои може и виртуелно да се вози велосипед, да се мерат поминатите метри, и колку повеќе метри се извозат толку повеќе средства Стопанска банка ќе донира за изградба на полигонот за деца.
„Донираните“ метри ќе можат да се собираат и на големата ревијална трка во недела на 13 септември, која ќе почне во 18 часот пред i-bank store а ќе заврши на влезот во градскиот парк со голем настан, каде за музичкиот дел се задолжени КАЛИОПИ, 5+ Бенд и DJ Гоце (САФ) а секако ќе има и многу вредни награди и дополнителна забава.
„Слоганот ‘На ваша страна’ Стопанска банка АД – Скопје постојано го надградува и веќе е нераздвоен дел од нашиот ентитет. Ние сме на страната на децата, на страната на спортот, на страната на чистата средина, здравото тело и здравиот дух. Токму овие вредности Стопанска банка ги вплотува во овој проект и оттука веруваме дека повторно ќе наидеме на голем одзив кај населението.
Стоиме гордо зад успехот на Банката од деловното работење, но успехот го реинвестираме во заедницата не само преку подобрените производи, услуги и финансиската едукација туку и преку вакви интерактивни и долгорочни проекти кои ја покажуваат нашата хумана димензија“ – изјави Диомидис Николетопулос, Генерален извршен директор и Претседател на УО.
Стопанска банка во текот на изминатите години инвестираше во оперативна инфраструктура, развој на модерни и флексибилни банкарски производи, како и во алтернативни и еколошки канали за банкарските услуги преку i-bank сервисите. Токму затоа и ревијалната трка започнува од i-bank store филијалата која е уникатна, безготовинска филијала која работи по највисоки еколошки стандарди и ја користи најмодерната технологија во промоцијата на банкарските производи и услуги.
„Ги поттикнуваме сите граѓани се приклучат на проектот ‘Вози право, вози здраво’ со тоа што ќе ги „донираат“ своите метри извозени со велосипед, тротинет, ролерки, но и бебешки колички кои ние соодветно ќе ги регистрираме и ќе ги преточиме во средствата потребни за детскиот сообраќаен полигон“ – додава Николетопулос.
Регистрацијата за учество на трката е бесплатна и може да се направи online преку веб страницата на Банката www.stb.com.mk или во i-bank store филијалата.
Сите регистрирани учесници на крајот на трката ќе добијат репрезентативни подароци од Банката а најсреќните ќе бидат извлечени за:
- 3 fixie велосипеди
- 3 GoPro Session камери
- Детски велосипеди
- Тротинети
- Дополнителна спортска опрема и
- Многу други вредни награди
Подароци и изненадувања ќе има и за посетителите на настанот во Градскиот парк.