Се екипираше тимот на серијата за деца „Наше маало“ – Кој е поводот?
Сигурно се сеќавате на детската серија „Наше маало“, особено ако сте дете од крајот на 80-тите или почетокот на 90-тите години кога со нетрпение чекавме да дојде недела за да ја видиме омилената зграда Кармен и нејзините мудри совети, па често си замислувавме дека и нашата куќа или зграда ќе ни проговори.
Ги паметиме вредностите и поуките од кои сите, па дури и возрасните научија, другарството на кое нè учеа Диме, Мали, Зана, Ице, Џелјан, Филиз, Бени и другите маалски другарчиња од населбата Пролет.
Денес, 18 години подоцна, повторно се собраа хероите од нашето детство во зградата на Кармен, во истата таа просторија. Со истата позитивна енергија како времето да не застанало, гордо потсетувајќи се на безгрижните денови кога се снимаше серијата.
A дали нешто подготвуваат и кој е поводот за нивното повторно обединување, останува да видиме.
***
Со 41 епизода во 5 серијали, емитувани во периодот 1999 – 2004 год., хероите на „Наше маало“ нè учеа како да ги надминеме стереотипите и како да живееме заедно. „Наше маало“ беше серија за меѓусебно почитување и разбирање, без разлика на етничката припадност. Приказна за пријателството на деца од сите четири националности, на кои не им беше ништо друго важно, освен да се дружат и да ја зачуваат нивната заедничка тајна – Кармен. „Наше маало“ беше лекција за љубов.
Топла препорака за сите оние кои се сеќаваат и растеле со „Наше маало“ – побарајте ги епизодите на интернет и потсетете се. Покажете им ги и на вашите деца времето и вредностите со кои ние сме растеле.
И да ве потсетиме на она што во моментот си го потпевнувате… ☺
♪ Само едно е, едно е „Наше маало“, само едно е, ова зградуле мало… ♪