Прв настан на Fashion Revolution Macedonia: Размена на облека и прикажување на документарецот „True Cost” во Јавна соба

Прв настан на Fashion Revolution Macedonia: Размена на облека и прикажување на документарецот „True Cost” во Јавна соба

Тимот на Fashion Revolution Macedonia го организира својот прв настан, каде ќе се разменува облека во име на поголема свесност за модата и ќе се прикажува документарниот филм „True Cost“, кој ја доближува реалноста зад убавото лице на модниот свет и производството во модната индустрија. Настанот ќе се одржи на 1-ви октомври (вторник) од 16 ч. до 20 ч. во Јавна соба.

Прв настан на Fashion Revolution Macedonia: Размена на облека и прикажување на документарецот „True Cost” во Јавна соба

Fashion Revolution Macedonia има за цел да ја зголеми свесноста меѓу потрошувачите за купување квалитетна облека која би траела подолго, наместо „fast fashion“ модни парчиња кои навидум се евтини, а понекогаш се употребуваат само еднаш. Продолжувањето на векот на гардеробата придонесува за намалување на загадувањето на животната средина, со оглед на тоа што модната индустрија е втор по ред загадувач во светот. Секој мал чекор е придонес за поддржување на одржливата мода.

Влезот на настанот е слободен. Директно учество во размената на облека не е задолжително. Организаторите потенцираат дека за учество во размената на облека, истата треба да е чиста и во добра состојба, при што можете да донесете минимум едно, а максимум пет парчиња. Облеката која нема да најде нов сопственик за време на настанот ќе биде донирана на организацијата „Љубезност“.

Покрај размената на облека, на настанот ќе има прикажување на документариот филм „True Cost“, каде се зборува за неколку аспекти на модната индустрија – почнувајќи од процесот на изработка, каде најголем дел е насочен кон работните услови на текстилните работнички во земјите во развој, па сè до ужасните последици кои произлегуваат како резултат на тоа – загадување на животната средина, болест и смрт.

Fashion Revolution Macedonia е дел од глобалното движење Fashion Revolution, кое се залага за модна индустрија која подеднакво ги вреднува човечкиот капитал, животната средина, креативноста и профитот. Ја слави модата, но истовремено има за цел да ја подигне свеста за најгорливите проблеми, да покаже дека промената е можна и да ги охраби сите засегнати страни во создавање на поголема одржливост и етичност во модната индустрија.

Повеќе информации: Fаshion Revolution Macedonia.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Остави коментар