Промотивен ден на Попова Шапка „Сите на снег“
Под мотото „Сите на снег“ во сабота на Попова Шапка ќе се одржи промотивен ден во организација на Скијачката федерација на Македонија, Клубот Полар, Меѓународната скијачка федерација – ФИС и ЕЛЕМ Турс. За сите љубители на зимските спортови ова ќе биде одлична можност да научат да скијаат, бордаат и да поминат прекрасен семеен ден во еден од нашите најголеми скијачки центри. Организаторите се погрижија за првите 30 пријавени деца на возраст од 6 до 14 години бесплатно да организираат превоз, оброк и пијалак, часови по скијање и сноуборд, изнајмување на опрема, возбудливи трки и многу други изненадувања.
„Годинава топлото време малку подрани, но на Попова Шапка условите за уживање во зимските спортови се сè уште одлични, па затоа во соработка со клубот Полар и ЕЛЕМ Турс решивме да ја покренеме оваа иницијатива се со цел да не ја пуштиме зимата да си отиде толку рано. Првите 30 пријавени дечиња ќе имаат можност да добијат бесплатни часови по скијање и сноуборд, изнајмување на опрема, како и топол оброк и пијалак. Превозот од Скопје до Шапка е исто така организиран па првите пријавени посетители единствено што треба да понесат со себе е доброто расположение и желбата за совладување на зимските спортови“ – изјави Кирил Насков, секретар на скијачката федерација на Македонија.
Според управителката на ЕЛЕМ Турс, Јованка Стојанова, оваа манифестација ќе влезе во календарот на планирани активности на туристичкиот центар Попова Шапка и за наредните скијачки сезони. Веќе од наредната сезона, во функција на подобрување на условите во скијачкиот центар, АД ЕЛЕМ почнува со серија инвестициски зафати во туристичкиот центар Попова Шапка вредни околу 30 милиони евра.
Во рамките на стратегијата за развој на еден од најголемите туристички центри во Република Македонија, претстојат активности кои во огромна мера ќе ги подобрат условите за сите посетители и ќе ја направат Попова Шапка уште поатрактивна туристичка дестинација.
Еден од капиталните проекти што почнува годинава е изградбата на шестоседна жичарница. За таа цел, во меѓународна постапка веќе е избрана е италијанската групација LEITNER која со активностите за поставување и изградба на жичарницата ќе започне во текот на пролетта. Позицијата на жичарницата е одредена според Мастер план Студијата за Попова Шапка, и се наоѓа на позицијата на сегашниот ски-лифт „Мал Јелак“. Должината на трасата изнесува 1.420 м. Иницијалниот капацитет за транспорт на скијачи ќе биде и до 2.400 скијачи на час, а максималниот 3.200 скијачи. По должината на оваа жичарница ќе бидат отворени три нови скијачки патеки со вкупна должина од пет километри.
Според Мастер план Студијата, во рамките на истиот зафат, во план е да се направи и ски пат по кој скијачите ќе може да стигнат од крајната точка на шестоседната жичарница, односно до позицијата планирана за почетна точка на жичарницата. Овој зафат е предвиден да се гради во втората фаза од реализацијата на мастер планот за модернизација на Попова Шапка. Проектот за таа цел веќе е изготвен, а допрва останува да се објави јавен повик за изведувач на изградбата на патот.
Исто така, врз основа на изработен проект за паркинг за јавна намена на ски-центарот „Попова Шапка“, во 2013 година е објавен повик за изведувач на овој инфраструктурен зафат. Во тек е избор на најповолен понудувач, по што работите на терен се очекува да започнат во почетокот на мај, годинава. Позицијата на паркингот е во централното подрачје на Попова Шапка со капацитет од 350 возила, осветлување и пристапен пат. Со задоволство може да истакнам дека со овој проект целосно ќе се реши недостигот од паркинг места со кој се соочуваа посетителите во минатото.
Во насока на обезбедување услови за долга скијачка сезона, во 2013 година започна ископот за изградба на отворен резервоар за вода, која ќе се користи за изработка на вештачки снег. Изградбата на овој резервоар треба да заврши во октомври 2014 година кога ќе биде инсталиран и системот за вештачки снег. Резервоарот е со должина 80 м, широчина 100 м, максималната длабочина од 7 метри, и капацитет на зафатнината е 32.000 м3. Со оваа количина на вода, ФИС хомологираните патеки за велеслалом и слалом ќе бидат целосно покриени со вештачки снег.
Понатаму, кон крајот од 2012 година во соработка со најдобрите архитектонски куќи, потпишавме договор за изработка на проект за изградба на нов хотел на местото на хотел „Славија“ на Попова Шапка. Изработката на проектот за новиот хотел е во последна фаза по што следи негово ревидирање. Според востановената динамика, на крајот на наредниот месец, АД ЕЛЕМ ќе објави тендер за избор на изведувач, а до крајот на јуни очекуваме да биде избрана фирма која ќе изгради целосно нов хотел на истата локација каде што сега се наоѓа хотелот Славија.
Годинава ќе биде објавен и јавен повик за инсталирање електронски систем за печатење и евиденција на ски билети. Со овој систем ќе добиеме модерно, поекономично и поедноставно функционирање на скијачкиот центар. Новиот систем ќе биде инсталиран пред почетокот на ски сезоната 2014/2015.
Една од новините која ја најавуваме е почеток на изградбата на „Snowboard park“, кој ќе биде според сите ФИС стандарди со можност за одржување на официјални натпревари. Паркот ќе биде со должина од 320 метри и широчина од 65 метри. Ќе бидат поставени 3 линии (патеки), поделени во 4 сектори. Трите линии за почетници, средни и напредни ќе содржат по 4 боксови, 2 скока и по 2 реила. Локацијата на паркот ќе биде на потегот меѓу сегашниот ски-лифт “Бабин извор” или “Аеродром” и двоседната жичарница “Св. Илија”. Се очекува изградбата на оваа, веруваме атрактивна содржина за „бордерите“ да почне летово.
Освен споменатите проекти, во тек се и активности за реализирање на помали пропратни проекти. Се работи на изградба на техничка зграда за информации, персонал, прва помош, ски-школа и канцеларии. Ќе бидат набавени и три нови машини за препарирање на снегот од кои едната со витло за работа на недостапен терен. Ќе биде поставена и дополнителна инфо сигнализација низ скијачкиот центар, а ќе се реновираат и постојните бачила на ски терените. Во план е изградба и на нов ресторан на крајната точка од новата жичарница.
АД ЕЛЕМ како општествено одговорна компанија, но истовремено и како сопственик на овој туристички центар, ја почнува најавената реализација на Мастер планот за развој на Попова Шапка и во рамките на своите можности ќе даде свој придонес кон плановите на Владата на Република Македонија, Попова Шапка да стане една од омилените туристички дестинации во Југоисточна Европа.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.