Подгответе се за еко-фестивалот SOUND OF GREEN!
Со три шишиња на супер забава. Да го исчистиме Скопје од пластика, а да го „извалкаме” со добра музика!
На 28 јуни, со почеток во 22 часот, трета година по ред, овој пат на Градската плажа Камени мост (Летен камп Кастро), во центарот на градот, ќе се одржи еко-фестивалот „Sound of green“, во организација на Друштвото за управување со отпад од пакување – „Пакомак“, а во соработка со Пасворд продукција – продуцентската куќа за организација на музички настани во Македонија. Пред скопската публика ќе настапат едни од најдобрите македонски бендови: „Суперхикс“, „Паркети“ и DJ Goce D’Sauce.
Влезници за фестивалот нема да се продаваат, туку ќе се добиваат во замена за 3 празни пластични шишиња од која било големина. Сите што сакаат да бидат дел од оваа голема журка, треба да ги донесат собраните шишиња на пултовите на Пакомак пред влезовите на Градската плажа на кеј пред почеток на концертот, на 28 јуни и со тоа да си ја обезбедат својата влезница за овој несекојдневен музички настан.
„Спојот на музиката и грижата за животната средина се покажа како успешна формула за да ги поттикнеме младите на забавен начин да ја доживеат селекцијата на пластичниот отпад. Минатата година на овој фестивал имавме одличен одѕив, а оваа година во овие наши активности ни се приклучи и продуцентската куќа Пасворд продукција, така што очекуваме оваа година да имаме исто така одлична забава и уште посилни позитивни реакции од публиката за чисто и поубаво Скопје. Континуирано ќе ги потсетуваме сите посетители да се однесуваат еколошки одговорно и да ја чуваат нашата околина. Нашата цел е да ја подигнеме еколошката свест кај младите и да покажеме дека собирањето на отпадот може да биде забавен чин и дел од секојдневието“ – изјави Ико Брдароски, Менаџер за грижа за корисници во Пакомак.
Компанијата Пакомак неодамна потпиша договор за соработка со Пасворд Продакшн, според кој Пакомак ќе биде еколошки партнер на сите настани и концерти кои ќе бидат во организација на оваа продукциска куќа, и ќе се погрижи отпадот од овие настани да заврши на рециклирање. Овие две компании со заеднички напори ќе се потрудат добрите еколошки навики да станат дел од музичките збиднувања во Македонија, посетителите на настаните и учесниците да се однесуваат еколошки одговорно и во согласност со заповедите за грижата на околината, што на крајот би влијаело за подигнување на колективната еколошка свест.
Бидете дел од овој настан зашто само заедно ќе го исчистиме Скопје од пластика, а ќе го „извалкаме” со добра музика!
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.