Пелистерка ја промовираше првата македонска реклама на знаковен јазик
Македонската компанија Пелистерка, вчера на програмата на 1тв, премиерно ја емитуваше првата македонска реклама истолкувана на знаковен јазик. Станува збор за постоечката рекламна порака преку која нашата компанија информира зошто газираната и негазираната вода на Пелистерка се поинакви и подобри од останатите води.
„Сите наши потрошувачи, односно пријатели, ни се подеднакво важни. Во досегашните рекламни кампањи, се обидувавме да ги почитуваме различностите што се однесува до јазикот. Знаковниот јазик е признаен за официјален јазик во Р. Македонија, а ниту една компанија досега не снимила порака на знаковен јазик, упатена на своите потрошувачи со оштетен слух. Токму затоа одлучивме да преземеме чекор и повторно да бидеме лидери. На нивниот јазик да ја испратиме нашата порака“ – вели Јулија Цветковска, лице одговорно за Односи со јавност во Пелистерка.
Во македонскиот медиумски простор, знаковниот јазик е многу малку застапен. Податоците до кои што стигнавме подготвувајќи се за оваа кампања, се фрапантни. Лицата со оштетен слух во Македонија се буквално на маргините, кога станува збор за програмата на нашите телевизии.
„Со ова сакаме да ги поттикнеме останатите македонски компании да превземат чекори. Да ја мотивираме конкуренцијата да направи нешто слично или доколу можат и нешто подобро. Еден не може се, но сите заедно можеме многу“ – вели Јулија Цветковска.
Рекламата на Пелистерка истолкувана на знаковен јазик од вчера веќе е на програмата на 1тв. Компанијата годинава освен што одлучи да се посвети на здравите одлуки на нашите потрошувачи промовирајќи ја мобилната апликација Пелистерка, ќе вложи напори својата општествена одговорност да ја насочи кон најранливите категории на граѓани.