Отворена нова книжарница „Полица“
Добри вести за сите љубители на книгата. Пред два дена, во центарот на Скопје, свечено беше отворена првата книжарница на „Полица“.
Во внимателно дизајнираниот и прегледен ентериер, желните за пишан збор ќе можат да ги најдат книгите во издание на „Полица“, меѓу кои има квалитетни наслови од светската белетристика, класичната литература, детски и едукативни книги, книги од популарни личности итн. На полиците на „Полица“, исто така се сместени и најпривлечните наслови од другите поголеми издавачки куќи во Македонија.
Идејата за отворањето на книжарницата ни дојде од желбата да создадеме едно топло место, во кое секој ќе се чувствува како дома, ќе може да пребарува по полиците, да седне да ги разлистува книгите и да си замине дома побогат за неколку книги, вели директорот на „Полица“, Јове Тодоровски.
Книжарницата „Полица“ почнува со своето работење под мотото „Многу книги, една ПОЛИЦА“ и најавува дека во периодот што доаѓа ќе се посвети на маркетиншки активности за поттикнување на читањето кај населението.
„Полица“ како издавачка дејност во рамки на „Конгресен сервисен центар“ постои од 2014 година. Логото на „Полица“ до денес се има најдено на повеќе од 150 внимателно избрани наслови.