Отворање изложба на делата на Глигор Чемерски во Српската академија на науките и уметностите во Белград
Глигор Чемерски го заврши својот богат и раскошен опус, повлекувајќи ги последните потези на делото за светиот воин со блескаво златен штит врз темнозелената заднина, но неговата творечка авантура и делата на овој голем сликар секогаш ќе зборуваат за неговиот поттикнувачки немир и за неговата бујна имагинација.
Со углед на класик и со репутација на македонски, но и париски сликар, Чемерски ревносно и со огромно количество страст му го отстапи својот живот на сликарството.
Како едно од водечките сликарски имиња во Југоисточна Европа, тој го стави својот личен влог, сиот свој талент и фанатична определба за создавање дела со јасен личен печат, покажувајќи го својот персоналитет и силната индивидуа, својот пат и своите пораки.
Во таа определба, покрај талентот, Чемерски имаше и други предности: завидна и широка култура и уште поширок увид во историјата на уметноста. Љубопитноста постојано го водеше во светските културни центри, но силата ја црпеше од својата родна Македонија, во непосреден допир со природата, со фолклорот, со македонската почва и сетилните дразби на македонското поднебје.
Експресионист, кој низ силните и жестоки бои ја утврди и својата ликовна мисла и својата порака, во секогаш препознатлив ликовен ракопис. Во неговите платна се преплетуваат елементите на надреалното, чудесното, митолошкото, на легендарните древности и на поминатите моменти од детството.
Неговото време остана втиснато врз голем број платна и други ликовни дела, со коишто е пополнет мозаикот на животот на ненадминатиот мозаичар.
Изложбата на репрезентативната колекција на дела од различни периоди од творештвото на овој слоевит творец ќе биде отворена во салонот на Српската академија на науките и уметностите, на 18 мај во Белград, и ќе трае до 19 јуни.
Поздравен говор ќе одржат академикот Владимир С. Костиќ, претседател на САНУ, и академикот Влада Урошевиќ, а на отворањето на изложбата ќе присуствуваат и академикот Луан Старова, потпретседател на САНУ, и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.