Новинарка од Кафе пауза победник на конкурсот „Визија за европско Скопје“
Кристина Шумадиева е победник на конкурсот за краток новинарски есеј на тема „Визија за европско Скопје“, што беше распишан во рамките на мултимедијалната ноемвриска манифестација „Денови на европско Скопје“, организиран од страна на Дирекцијата за Култура и Уметност на Скопје во соработка со Делегацијата на Европската Унија во Македонија и Градот Скопје.
Пристигнатите трудови ги вреднуваше тричлено жири со состав: Томислав Османли, писател и новинар (претседател), Никола Глигоров, директор на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје и Елизабета Кузамановска, новинарка.
Од пристигнатите текстови, жирито со гласање првично селектираше пет најдобри трудови од кои потоа, ги избра трите наградени есеи. Петте финалисти на конкурсот „Визија за европско Скопје“ се авторите: Сунчица Николоска со есејот „Со локални ресурси до европско Скопје“, Тања Сарандеска со „Ноември во мојот град“ (трета награда), Бојан Шашевски со текстот „Скопје кога ќе порасне сака да биде европски град“ (втора награда), Анита Никушева-Јованчев со есејот „Мојот визионер“ и Кристина Шумадиева со текстот „Скопје е мој и твој град – ајде помогни да го направиме уште поубав! (прва награда)“.
Жири комисијата одлуките ги донесе едногласно.
„Eсејот ‘Скопје е мој и твој град – ајде помогни да го направиме уште поубав!’ плени со искрениот, автоироински и нагласен критички тон. Неговиот фокус е социјален колку и индивидуален. Тој е куса, горчлива, јадровито предадена исповед во која, речиси без анестезија, се искажани клучните проблеми на попречената европска преспектива на младиот човек и на градот. Со искреноста и со уверливоста на потходот, авторката ја заслужи првата награда на овој конкурс“, велат од жирито.
И останатите текстови на конкурсот ги исполнуваат: од една страна, чувствата на незадоволства од реалноста во која мачно опстојува главниот град; од друга, љубовта кон Скопје доживувано било како семеен роднокрај на нивната и на претходните генерации или пак, како место за кое авторите, не свртувајќи се кон минатото, сакаат да продолжат да ја живеат својата подобра иднина. Во сите тие доживувања, Скопје се појавува како повеќестрано отуѓен град којшто поради тоа, сѐ повеќе го напушта неговата младост. Со други зборови, дури и со оптимистички замислената тема „Визијата за европско Скопје“, среде оваа проблематична урбана, еколошка, комунална и социјална реалност, сосем разбирливо, авторите ги манифестираат проблемските аспекти, критичкиот став и загриженоста, заедно со несомнената љубов кон својот и кон нашиов така драстично снеубавен град.
На Скопје во принцип му е потребна нова идеја и нова визија и оттука, и оваа свежа енергија треба да се негува и да се ползува како конструктивен граѓански и критички одглас од новинарите како квалификувана, информирана и креативна структура, запазувајќи го конкурсот и стимулирајќи ги авторите за предочување на своите визии и во иднина.
Cestitki 🙂