Најголемата предност на паметните телефони е истовремено и најпотенцијален ризик
Иако правото на заштита на личните податоци е уставна категорија и основно човеково право, практиката покажува дека најголем број повреди на ова право се резултат на недоволно развиена свест и непознавање на основните начела за заштита на личните податоци.
Генерациите родени и пораснати со електронски уреди суверено владеат со интернет просторот и супериорно ги користат новите технологии. Сепак, многумина од нив забораваат дека во светот на интернетот и мобилната телефонија, треба да ги почитуваме истите правила како и во секојдневниот живот или со други зборови, воспоставените правила во реалниот свет, мора да се применуваат и во дигиталниот свет.
Во таа насока, сите мерки што ги преземаме за заштита од малициозни активности кон нас, треба да ги применуваме и во дигиталниот свет: висока информираност и свест за опасностите што нè демнат, како и одговорни, одмерени и внимателни постапки што ќе го намалат ризикот од потенцијални злоупотреби на нашите податоци и ширење на овој вид криминал.
За жал, не само локално туку и глобално, податоците врзани за сајберкриминалот се комплетно поразителни. Само во третиот квартал од 2016 година биле пресретнати 18 милиони малициозни пораки, односно 200.000 малициозни пораки дневно откриени само од една компанија. Malware продолжува да расте и да се развива и ги заобиколува сите антивирусни и други нивоа на заштита, што им отежнува на ИТ тимовите да бидат во чекор со промените коишто постојано се случуваат.
Дека расте бројот на сајберкриминалот потврдуваат и податоците коишто ги пласира FBI. Имено, повеќе од 4.000 напади се детектирани во еден ден, што е покачување од 300% во однос на 2015 година, кога се детектирале по 1.000 спамови дневно. Нападите се зголемуваат од еднаш на секои 2 минути до еднаш на секои 40 секунди, според Kaspersky.
Во третиот квартал од 2016 година, количината на „фишинг мејлови“ пораснала на 97.25%, за разлика од првиот квартал кога изнесувала 92% од вкупниот интернет сообраќај.
Овие бројки, несомнено говорат дека корисниците на паметни телефони постојано се мета на сајберкриминалот. Според последните истражувања, 78% од корисниците на паметни телефони се свесни за ризиците од сомнителни содржини, имејлови, линкови, фотографии и други фајлови на кои наидуваат. Но за жал, дури 45% од нив сепак кликнуваат на тие содржини.
Веројатноста да кликнеме на сомнителна содржина преку паметните телефони е три пати поголема отколку преку компјутерите токму заради нивната предност: нивната лесна достапност и голема процесирачка моќ, што ги прави извор на најголемиот ризик за безбедноста на личните податоци.
Факт е дека опасностите на интернет демнат со секоја нова веб-страница што ја отвораме, кога сме на социјалните мрежи, форумите, четовите, но и кога имаме отворена Bluetooth конекција или сурфаме преку јавна, бесплатна wi-fi мрежа. Затоа, најдобрата заштита е внимателно и паметно користење на интернетот во комбинација со антивирусен софтвер, редовно ажурирање на системските и други апликации и секако високо ниво на свест при користење на интернет мрежата во приватната и во деловната комуникација.