Македонското „ИоТ“ решение можен победник на интернационалниот натпревар Business Wall of Fame
Решението Agro IT, наменето за менаџирање на фарми, се наоѓа на 1-вото место според гласачите на Интернационалниот натпревар со освоени 2.166 гласови
На 22 јуни точно на полноќ заврши фазата на гласање на Интернационалниот натпревар Business Wall of Fame, во организација на Дојче Телеком и Македонски Телеком, на кој учествуваа развивачи кои имаа готови М2М решенија, односно, решенија за поврзани машини, кои вклучуваат хардвер, софтвер и поврзување, а се применливи за други компании како крајни корисници. На натпреварот беа пријавени вкупно 161 решение од кои 6 се македонски. Во трката на Интернационалниот натпревар се пријавени 5 од нив.
„Нѐ радува фактот што нашите развивачи го препознаа потенцијалот и придобивките од учеството во овој натпревар и ги пријавија своите решенија. Сите решенија имаат огромен потенцијал и се применливи и локално и интернационално. Со нетрпение го очекуваме 7 јули кога од страна на стручната жири комисија ќе биде и официјално прогласен победникот, со кој се надеваме ќе изградиме одлична партнерска соработка“ – изјави Слободанка Јакимовска Јосифовиќ – Директор на сектор за развој на деловни и ИКТ услуги и решенија.
Решението Agro IT, наменето за менаџирање на фарми, се наоѓа на 1-во место на Интернационалниот натпревар со освоени 2166 гласови. Зад него, на 2-ро место се наоѓа решението LineMetrics – Easy sensor based optimization for European SMEs, кое доаѓа од Австрија, со освоени 1847 гласови. Останатите Македонски решенија кои се во топ 15 на интернационалниот натпревар се IP Home and Office, решение за контрола на домот, со освоени 1071 гласови, кое се наоѓа на 4-тото место и BCON Wireless socket, уред за контрола на домот, со освоени 987 гласови се наоѓа на 6-тото место.
На локалниот натпревар, на 1-во место се наоѓа решението Agro IT, на 2-то место се наоѓа IP Home and Office, на 3-то место се наоѓа BCON Wireless Socket, а на 4-тото место се наоѓа Интелигентниот омекнувач, решение со кoе се врши контрола на тврдоста на водата. Интересни решенија кои доаѓаат од Македонија се и Fueloyal Technology и секако Паметниот бојлер на Леов.
И покрај поените, стручната жири комисија ќе го даде последниот збор во однос на победникот и во однос на тоа сите решенија во првите топ 15 и натаму имаат еднакви шанси за победа.
За повеќе информации посетете ја страницата: https://www.wallofbusiness.com/international.