Љубовта кон науката ме однесе од средното училиште „Нова“ на престижниот „Bard College“ во САД
Матурантката од меѓународното училиште „Нова“, Миа Шешова, образованието ќе го продолжи на реномираниот Bard College во САД. Таа е добитничка и на престижна стипендија Distinguished Scientist Scholar која им се доделува само на четворица студенти во светски рамки. Вели дека не ѝ се верувало кога дознала дека е примена и дека ѝ е доделена стипендија. Bard College уште од самиот почеток бил нејзиниот прв избор.
По 4 години поминати во меѓународното средно училиште „Нова“, високото образование ќе го продолжиш на угледниот Bard College во САД. За кои студии се одлучи и зошто?
Семејниот контекст имаше клучна улога во негувањето на мојот интерес кон науката. Мајка ми (дерматолог) и татко ми (градежен инженер), уште од рана возраст ме поттикнуваа да читам и истражувам. Кога бев прва година се преселивме во Дејвис, во Калифорнија, затоа што мојот татко ја доби Фулбрајт стипендијата. Така, освен теорија,имав можност интензивно да работам во лабораторија. Кога се вративме во Македонија, се запишав во „Нова“, а завршив и 6 семинари за наука во истражувачкиот центар Петница кој се наоѓа во Србија. Оттука, Bard со својата експериментална компонента при изучувањето на природните науки се наметна како мој прв избор.
Која беше најголемата причина за да го избереш Bard College како твоја идна академска дестинација?
Посветив многу внимание на разгледување на студиските програми на повеќе универзитети, како во Европа, така и во САД. Освен Bard, добив многу понуди од други престижни европски и американски универзитети меѓу кои Imperial College, University of Edinhburgh, како и UC Davis и UC Santa Cruz. Сепак, Bard колеџот ми остави најдобар впечаток, не само поради студиската програма, туку и поради долгата традиција која ја негува овој универзитет. Ги поднесов документите, иако не верував дека навистина ќе бидам примена на овој колеџ, а уште помалку дека ќе ја добијам нивната престижна стипендија Distinguished Scientist Scholar што им се доделува само на четворица студенти во светски рамки. На Bard студентите не само што објавуваат истражувачки трудови, туку пишуваат и едукативни книги по биологија за ученици од основно училиште. Bard е вистинското место за мене бидејќи се стремам кон проширување на моите академски видици.
Зошто сметаш дека студирањето во странство има повеќе предности отколку студирањето на некој од македонските државни или приватни универзитети?
Студирањето во странство овозможува поголеми можности и отвора нови врати кон успехот, пред сè во поглед на истражувачки капацитети, современи лаборатории, како и стручна литература. Компетитивниот дух на студентите овозможува да се развијат иновативни идеи за што поуспешно соочување со нови предизвици.
Колку твоите професори во „Нова“ ти помогнаа во процесот на аплицирање на странските универзитети? Што е најважно во овој процес?
Најважен е сопствениот вложен труд, но поддршката од страна на академските советници и професорите е еден од главните фактори кои придонесоа за успехот на целата генерација. Јас максимално се вложив во процесот на аплицирање, а во текот на сите 4 години го збогатував моето CV преку различни школски и воншколски активности. Освен академскиот успех на ученикот, многу се битни и вредностите за кои тој се залага. Токму затоа, најважниот дел во пополнувањето на апликации е начинот на кој ученикот се претставува себеси. Уникатноста е клучниот фактор во целиот овој процес.
Каде се гледаш себеси во иднина, во некоја македонска компанија или можеби во некоја моќна светска компанија?
Единственото нешто за што сум сигурна е дека ќе бидам научник-истражувач, а сè друго му препуштам на времето да покаже. Иако ќе студирам во странство, би сакала да се вратам во Македонија и моето стекнато искуство да го пренесам на идните генерации.
Кои се предностите на средното образование стекнато во „Нова“ наспроти тоа во државните средни училишта?
Една од главните предности на моето образование стекнато во „Нова“ е интернационалниот контекст. Мене особено ми се допадна тоа што „Нова“ негува либерално и креативно учење, спознавање на нови култури, како и негување на вистински академски вредности. Во овој контекст треба да се истакне и одличниот однос професор – ученик кој има голема улога во успехот на секој ученик, како во поглед на севкупниот академски успех, така и за успехот со универзитетските апликации.