Канадски ученици кои се движат по патот на мигрантите пристигнаа и во Македонија
Ученици од Appleby College во Онтарио, Канада се тргнати на патешествие со цел да ги посетат сите држави низ кои минуваат мигрантите, а деновиве патот ги донесе и во Македонија. Во рамките на проектот, тие во секоја земја се занимаваат со хуманитарни активности па таков беше случајот и во нашата држава каде заедно со уште 10 гимназисти од меѓународното училиште „Нова“ во Скопје реализираа два проекти. Вчера (вторник, 14 март) одржаа едукативни работилници и ги бојадисаа ѕидовите на социјалниот центар „Надеж“ во Шуто Оризари каде се згрижуваат ромски деца кои доаѓаат од социјално загрозени семејства, многудетни или пак семејства со самохрани родители итн. Додека во понеделникот, студентите од Канада заедно со гимназијалците од „Нова“ работеа и во Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ лоциран во Топанско поле.
Заедно со 10-те студенти од Канада е и професорот Александар Панев кој предава општествени науки во Appleby College и по потекло е од Македонија. Групата ќе остане во земјава сè до четврток кога ќе заминат кон следната точка од нивната рута каде ќе продолжат со своите хуманитарни проекти во партнерство со локални институции.
„Патот низ Источна Европа е со цел да им се овозможи на учениците да запознаат различни култури како македонската, албанската, ромската, српската, унгарската, словачката и австриската. Идејата е да им се даде шанса да вкусат нешто ново, да се здобијат со мултикултурно искуство кое потоа ќе го однесат со себе и ќе го споделат во својата заедница односно со семејството и пријателите. Воедно сакаме да ја разберат и комплексноста на меѓународната политика, економија и општество. Учениците ќе се запознаат, работат, учат и комуницираат со различни заедници и националности; ќе посетат две училишта во Македонија и Словачка како и повеќе градови каде ќе вкусат од прва рака различни култури и животи на локалните жители“, вели Панев.
Appleby College е формиран пред повеќе од еден век и е една од најпрестижните образовни институции во Канада каде учат деца од цела Канада, но и од други континенти ширум светот.