Кафе пауза — Прогласен за најзабавен сајт на „Сајт на годината 2016“
На овогодишниот, седми избор за Сајт на годината, организиран од Медиа Солутионс и системот за онлајн-реклами keepaneye.mk, а под покровителство на Град Скопје, Кафе пауза се стекна со првото место во категоријата Забава. Изборот на најдобрите беше прогласен изминатава сабота (24.12.2016) во холот на Македонската опера и балет пред околу 200 претставници на медиумите. Им се заблагодаруваме на организаторите на настанот и на жири комисијата која нѐ одбра токму нас, како и на вас, лојалните читатели кои ја поддржавте нашата работа, давајќи го вашиот глас.
Кафе пауза учествува во изборот секоја година, но овој пат сме првпат добитници на главна награда во рамките на категорија — Прво место во категоријата Забава. Ова признание ни значи многу и ќе ни даде поттик уште повеќе да се трудиме во иднина и да продолжиме да ве забавуваме, информираме и изненадуваме…
И понатаму во нашиот фокус остануваат истите цели со кои ја започнавме нашата мисија пред 6 и пол години:
- Избор на најинтересните и најкорисни информации наменети за широката македонска публика
- Употреба на квалитетен и литературен македонски јазик
- Квалитетно визуелно уредување на содржините со цел овозможување пријатно искуство на сајтот
- Добра комуникација и соработка со нашите читатели, критичари и поддржувачи
- Следење на интересите на публиката и нивно редовно инкорпорирање во нашите содржини
- Брзина и добра функционалност на сајтот при прелистување од различни уреди
- Држење чекор со светските трендови во уредувањето и функционалноста
- Фер и коректна соработка со огласувачите, без чии реклами не би можеле да опстоиме
Се надеваме дека и понатаму ќе ја поддржувате и насочувате нашата работа, а ние за возврат ќе се трудиме да бидеме сѐ подобри и подобри во она што секојдневно го сервираме за вас. Наградите и признанијата ни значат, но најмногу ни го греат срцето вашите бројни секојдневни посети, искрени коментари и пораки во кои несебично ја искажувате вашата лојалност и поддршка кон нас.
За настанот
Сајт на годината е манифестација, која се организира по седми пат, во рамките на која оваа година се избраа најдобрите 60 веб-сајтови во Македонија распределени во 20 категории. Целта на манифестацијата е да придонесе кон развојот на домашните веб-сајтови доделувајќи им сертификати и признанија на луѓето кои работат во насока на унапредување на онлајн-медиумите во земјава. Повеќе информации за настанот и комплетната листа на победници можете да ја погледнете овде.