Интервју со Индира Кастратовиќ, ракометарката на деценијата во Македонија
Ја сретнавме Индира Кастратовиќ во кафе-барот во комплексот на спортската сала Јане Сандански. Пријатна, опуштена во својот природен амбиент, како риба во вода. Помеѓу секој коментар или насмевка крева глава да поздрави некој од минувачите, колеги, познаници, соработници… Нејзината енергија е контаминирачка, ништо помалку од она на што човек замислува дека ќе наиде среќавајќи ја оваа голема спортска војвотка.
Како сте Индира, во какви околности ве затекнува ова интервју, што правите сега, какви се вашите секојдневни обврски во ЖРК Вардар?
„Добро сум, благодарам на прашањето. Во овој период сум ангажирана за координација и логистика на тренерите од младите категории. Убава и плодоносна работа за овој дел од животот. Убаво е да се гледаат никулците што ги садите во младите деца и како подоцна од нив пркнуваат одлични спортисти што многу ветуваат.“
На 15-годишна возраст игравте и кошарка и ракомет. Кој ви даде поттик да се фокусирате само на ракометот со кој подоцна ќе изградите блескава кариера?
„Тренерот по ракомет препозна во мене врвен спортист со голем потенцијал и ме поддржа да се свртам кон овој спорт. Но оној што тивко ми даваше кураж и уверување дека ја правам вистинската работа сепак беше татко ми. Тој беше тивок, патријархално воспитан човек, кроток и смирен по природа. И знаете, понекогаш не е важно дали го бодрите вашето дете на цел глас викајќи од трибините, понекогаш нема корист ниту од континуираниот притисок и високи очекувања да се бавите со спорт, туку токму од тоа некое ненаметливо одобрување да се бавите со она што ви го исполнува срцето. Тоа негово тивко охрабрување, неговиот искрен поглед дека ме сака, ме поддржува, тој благ стисок на раката кога ќе постигнам извонредни резултати и тие исечоци од весници што ги носеше во горниот лев џеб од палтото, на кои го пишуваше моето име… Ете тоа за мене значеше цел свет.“
Играјќи за Кометал ги доживеавте најголемите успеси; избрани сте за најдобар стрелец во Данска и во Норвешка за најдобар десен бек со 62 гола, ја добивате и титулата за ракометарка на деценијата во Македонија и имате безброј тимски и поединечни успеси. Со што најмногу се гордеете?
„Видете, како тимски играч се гордеете со своите успеси, но многу повеќе со успесите на својот тим, на таа колективна заложба да постигнете врвни резултати. Во таа смисла, голем ден за мене беше освојувањето на шампионската титула со „Кометал“ и Светското Првенство во 1997 година, не толку поради личните достигнувања, колку поради тоа што ја заразивме македонската нација со огромна глад за спортски успеси, ѝ пренесовме љубов кон ракометот, желба да нè следи и да навива, следејќи нè секаде каде што игравме. Тоа беше голем историски момент и значајна валоризација на успесите на нашиот тим и на овој спорт во целост.“
За вас се зборува дека сте играч што била во ситуација сама да го решава натпреварот. Од каде таа жар, таа непокорливост, од каде ја црпевте силата?
„Знаете, јас сум од Босна, а освен тоа отсекогаш сум била енергична, борбена, едноставно страсна. А ние Босанците сме научени дека треба да се бориме за она што го сакаме. Излегувам на терен и излегува и ѕверот од мене.“
За својот сопруг Зоран велите дека е Ахилова пета во вашиот живот. Како ве поттикнуваше да го давате секогаш најдоброто од себе?
„Зоран е мојот брег и моето сидро за кое се држев и во најнемирните времиња. Долго сме заедно и добро се разбираме и ден денес. Тој ја познава мојата есенција и знаеше како да ми влее доверба дека треба да продолжам со ракометот и во моментите кога бев на раб да се откажам, едноставно знаеше каде и како треба да го примири мојот нескротлив дух. Зоран беше мојата сенка во текот на цела моја професионална кариера и не е тајна дека тој има огромна заслуга за сите мои спортски достигнувања.“
Септолете Тотал инспириран од тврдењето што ја слави моќта на здравото грло, ве идентификува вас како поединец што во текот на животот се залагал за огромна афирмација и популаризација на спортот. Што направи спортот за вас?
„Спортот не е само на теренот и во салите. Тој живее во вас и кога не тренирате и кога сте во сосема поинаков амбиент. Особено ако сте дел од колективен спорт, ако сте ја почувствувале магијата на дружењето, на патувањата и ако сте почувствувале како вашиот придонес е ништожен без поддршката на соиграчите. Затоа играте со страв да не го разочарате својот тим, тоа е она што дополнително мотивира. Така полека од себе креирате човек што не се плаши од предизвици, човек што всушност не се плаши од ништо. Спортот од мене направи поголем, подобар човек.“
За што најмногу ја користевте моќта на своето грло и која е таа една единствена порака што сакате да им ја пренесете на сите спортисти или на оние што сакаат да се занимаваат со спорт и да бидат врвни играчи?
„Она што е важно или она што мене ми било важно е секој пех, неуспех или незадоволителен резултат да го третирам како случајност. Како нешто акутно што нема да се повтори. Оној што потклекнува на првата препрека, на првиот потежок емотивен или физички притисок, од него не бидува спортист. Една од главните карактеристики на сите големи спортисти е дека не се откажуваат. Никогаш.“