Интервју со Бисера Банова од „АВОН Македонија“: Со што најмногу сакаат да се разубавуваат македонските жени?

Интервју со Бисера Банова од „АВОН Македонија“: Со што најмногу сакаат да се разубавуваат македонските жени?

Познатиот бренд „Авон“ неодамна започна соработка со Каролина Гочева која стана заштитно лице на нивните производи за нашата земја. Во оваа прилика разговараме со Бисера Банова, специјалист за односи со јавност на АВОН Македонија, која покрај за соработката со Каролина ни открива и што најмногу користат македонските купувачи и кои се разликите во преференциите помеѓу нашиот и пазарот во другите балкански земји.

intervju-so-bisera-banova-od-avon-makedonija-so-shto-najmnogu-sakaat-da-se-razubavuvaat-makedonskite-zheni-kafepauza.mk

1. Познатата пејачка Каролина Гочева неодамна стана заштитно лице на „Авон Македонија“. Зошто се одлучивте на овој чекор токму сега, зошто токму Каролина и од што ќе состои вашата соработка?

AVON и глобално има практика да соработува со познати личности од многу сфери од светот на убавината и модата, меѓутоа во Македонија досега не сме оствариле ваква значајна соработка. Како што се развиваше и растеше нашата компанија на домашниот пазар, едноставно ја согледавме потребата и преку локална ѕвезда да допреме до сè поголемиот број на корисници на AVON во Македонија. И тука доаѓаме зошто токму Каролина?

Спроведовме анкета до Претставниците на AVON и резултатите беа речиси и едногласни – Каролина Гочева е вистинско олицетворение на сè она за кое се залага нашата компанија. Таа е реализирана, посветена, успешна дама која внимава на својот изглед и репутација, а истовремено е самосвесна и скромна. Согледавме дека токму Каролина е вистински пример за една комплетна жена и не случајно таа е соодветно лице да ги претставува нашите производи, и тоа не целосната палета, туку само премиум брендовите на AVON.

Што се однесува до соработката, се состои во повеќе заеднички маркетиншки активности, ангажман во неколку кампањи и фото-сесии, инволвираност на настани, а секако и нејзино појавување на некои од насловните страници од брошурите на AVON.

Bisera Banova (levo), specijalist za odnosi so javnost na Avon; Karolina Gocheva i Dana Stojkova, nacionalen menadzer na prodazhba na Avon 1

2. „Авон Македонија“ е веќе 10 години на домашниот пазар. Колку сте задоволни од правецот и начинот на кој компанијата растеше и се развиваше низ годините и каде се гледате за 10 години од сега?

Правецот во кој компанијата се движи е одличен. Со самото растење на домашниот пазар за убавина, растеше и се пробиваше и нашата компанија и слободно можам да кажам дека добрата стратегија и начинот на кој функционираме доведоа и до тоа да сме број 1 во Македонија во директна продажба повеќе од 6 години наназад. Она на што сме посебно горди е што нашиот успех се валоризираше и во глобални рамки и во 2014 резултираше со прва награда за најголем раст на компанијата помеѓу 19 мали и средни пазари на AVON во Централна Источна Европа.

Според истражувањата и статистиките, ние сме првиот избор за мириси во Македонија, а доста високо котираме и во изборот за шминка и нега на кожа, па би рекла дека за 10 години од сега AVON Македонија ја гледам како компанија која ќе биде првиот избор и во овие две категории. Сепак, ние не продаваме само производи за убавина, туку се грижиме за добробитот на жената од сите аспекти.

Пред сè, преку моделот за директна продажба нудиме и еден комплетен систем за заработка, можност на жената да изгради сопствен бизнис и да ја оствари својата финансиска независност. Дополнително, ги имаме и филантропските кампањи за Борба против ракот на дојка и Борба против семејното насилство во кои 100% од профитот од продажбата на производите наменети за овие каузи одат во добротворни цели, со што покажуваме дека целосно сме насочени и кон здравјето и благосостојба на жената. Според сево ова, би рекла дека во нашата стратегија за следните години не е само високата продажба на козметика, туку и секоја жена во нас да препознае бренд кој нуди многу повеќе од убавина, партнер и вистински пријател.

2-intervju-so-bisera-banova-od-avon-makedonija-so-shto-najmnogu-sakaat-da-se-razubavuvaat-makedonskite-zheni-kafepauza.mk

3. Во палетата на „Авон Македонија“ има различни типови на производи – од шминка до парфеми, шампони итн. Судејќи според досегашното искуство за каков тип на производи најмногу се заинтересирани македонските граѓани? Што најмногу се бара?

Како што напоменав и претходно, AVON го држи првото место во продажба на мириси уште од 2010-тата со 26% од вкупниот удел во пазарот, и тој тренд сè повеќе се зголемува од година во година. Исто така, доста високо сме рангирани и во категориите на шминка и нега на кожа, а постепено се зголемува и трендот за користење на геловите за туширање.

4. Со оглед дека „Авон“ функционира во 129 земји низ целиот свет, има ли разлика меѓу потребите и желбите на македонските купувачи и оние од другите земји (ако не од цел свет барем во околните држави). Дали, на пример, Македонците повеќе бараат кармини и пудри додека Бугарите се позаинтересирани за лакови за нокти и парфеми?

Не би можела да кажам за Европа или пошироко, меѓутоа ги имаме податоците од Балканот. И Бугарија и Србија, како најголеми пазари од нашиот регион, се исто така број 1 во продажба на женски мириси, а во Бугарија AVON е на второто место и во продажбата на шминка и производи за нега на кожа. Од шминката во Бугарија највеќе се купуваат кармини и сјаеви за усни, што го докажува и фактот дека сме лидери во продажбата на овие производи во однос на конкуренцијата, а го држиме и високото второ место во продажба на производи за шминка на очи, лице и нокти.

Србија е исто така на второ место во продажба на шминка, но таму интересен е податокот и дека сè повеќе се зголемува трендот за купување накит и модни додатоци, а се на прво место и во продажба на машки мириси, што не е случај со Македонија и Бугарија.

Bisera Banova (levo), specijalist za odnosi so javnost na Avon; Karolina Gocheva i Dana Stojkova, nacionalen menadzer na prodazhba na Avon

5. Вообичаениот впечаток е дека жените се оние кои најмногу ги разгледуваат брошурите на „Авон“ и нарачуваат производи. Сепак колку македонските мажи ги користат вашите производи? Дали сметате дека и тие внимаваат на својата нега и изглед?

Несомнено е дека многу повеќе се трошат женски производи, земајќи го предвид пред сè фактот дека и палетата на AVON содржи женски производи во најголем дел, но едноставно и таква е нашата женска природа. Дури и оние машки производи кои најмногу се продаваат, во најголема мера ги купуваат жени за своите мажи, партнери… Сепак, бележиме раст на процентот на продажба и на машки проиводи, а тоа е најочигледно кај мирисите. Чисто за споредба, од вкупната продажба на мириси, 60% отпаѓаат на женските, додека солидни 40% на машките мириси.

6. Една од специфичните работи во врска во „Авон“ е тоа што вашите производи ги нема во отворена продажба низ продавници туку имате официјални Авон претставници преку кои луѓето можат да го нарачаат тоа што го сакаат. Зошто го практикувате овој принцип на работа?

Принципот на директна продажба не е ништо ново, туку во нашата компанија постои и се практикува уште од самиот почеток, од 1886 година, кога основачот и визионер Дејвид МекКонел препознал дека жената има природна способност да се социјализира и да тргува со други жени, а истовремено и ги сака производите за убавина. Така, во време кога на жената ѝ се нуделе ограничени можности за вработување, тој прв го поставил моделот на директна продажба, кој како можност за заработка во тоа време бил револуционерен концепт.

Почнувајќи од само неколку „Avon Ladies“, денес AVON е прерасната во вистинска империја со повеќе од 6 милиони активни Претставници ширум светот. Токму и оваа специфика нè прави поразлични. Во последно време жените сè повеќе имаат тенденција да пазаруваат од удобноста на својот дом, уживајќи и разгледувајќи ја нашата брошура, отколку да купуваат од продавниците, што за нас е само дополнителен бенефит.

Исто така, успехот на нашите Претставници, а со тоа и на AVON Македонија, се должи и на нашиот континуиран напор за развој на нашата продажна структура. Можностите што ги нудиме за заработка, за континуиран раст и развој во кариерата, бесплатните обуки, разните мотивациски програми, патувања, бонуси итн., се само уште еден показател колку компанијата инвестира во Претставниците и како всушност го создаваме и градиме нашиот успешен тим.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар