Филмови, дебати и велосипедска тура на „Вечерите на женски права“ во Скопје
Влијанието на турските серии во нашето општество, улогата на мажите на Балканот, стереотипите и соновите на жените за голема свадба и бајковит заеднички живот со вечна љубов, се само дел од темите на кои ќе дебатираат активисти за женски права и родова еднаквост, професори, студенти, аналитичари, преставници од институции, невладини организации, филмски режисери. Ќе бидат прикажани документарните филмови „Кисмет“,„Маската во која живееш“ и филмот „Среќни засекогаш“.
Шеста година по ред, Денот на жената се одбележува со проектот „Вечери на женски права“ која нуди културна алтернатива на традиционалното прославување на овој празник. Манифестацијата е под покровителство на Град Скопје и е плод на партнерството и заедничката соработка помеѓу администрацијата на градот, UN Woman, Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет и Универзитетот за аудио-визуелни уметности – ЕСРА. Вечерите за женски права имаат за цел, преку прикажување документарни филмови и организирање дебати на теми поврзани со родовата еднаквост и правата на жените, да поттикнат критичка мисла, размислување, дијалог и осврт на постоечките нееднаквости помеѓу мажите и жените во македонското општество.
Оваа година сите активности се во духот на одбележувањето на 20-ет годишнината од четвртата светска конференција за правата на жените во Пекинг и донесувањето на Пекингшката декларација и платформата за акција во 1995 година.
„Вечерите на женски права, како и секоја година, така и оваа, се обидуваат да понудат едно поинакво гледиште, еден алтернативен пристап кон прославата на 8-ми март во Македонија. Преку дебати на кои ќе се разговара на теми поврзани со родовата еднаквост, оваа манифестација прави напор да отвори пошироко поле на размислување за овие прашања во рамките на општеството“ – велат од канцеларијата на UN Woman Скопје, кои што стојат зад иницијативата за организирање на овој настан.
Програмата на 6-ти март почнува во 10 часот во хотелот „Холидеј Ин“ со национална конференција на тема „Јакнење на жените – јакнење на човештвото, претставете си!“, организирана во соработка со Министерството за труд и социјална политика.
Во 19 часот во Културно информативниот центар ќе биде отворен вториот дел од изложбата „Нераскажани приказни на суперхероините“.
На Меѓународниот ден на жената, 8-ми март, во 12 часот ќе почне велосипедската тура низ Скопје по повод приклучувањето кон глобалната кампања „Планета 50:50 до 2030 – Заедно за родова еднаквост“.
Годинашните „Вечери на женски права“ официјално започнаа на втори март со проекции на документарни филмови и работилници во средните училишта „Никола Карев“, „Орце Николов“, „Јосип Броз Тито“ и „Васил Антевски – Дрен“ на кои учествуваат и студенти од од Институтот за родови студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Универзитетот за аудиовизуелни уметности – ЕСРА. Тие ќе траат до петти март.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.