Емин Џијан и Дерик Меј настапуваат во Детроит

Емин Џијан и Дерик Меј настапуваат во Детроит

Скопската продуцентската куќа „Излет мјузик“, чиј идеен творец и сопственик е Огнен Узуновски – Оги, заедно со маестро Емин Џијан, и пионерот на детроитската техно сцена Дерик Меј на 14 август ќе настапат на голем летен музички фестивал под отворено небо во Chene park во Детроит, САД. Нашиот врвен музичар и диригент, Емин Џијан, кој направи аранжмани на музиката на Меј, ќе диригира со Детроитскиот симфониски оркестар. Од Балканов, речии никој досега немал шанса да настапи со овој симфониски оркестар, кој е еден од најстарите во САД.

1-emin-dzhijan-i-derik-mej-nastapuvaat-vo-detroit-kafepauza.mk2-emin-dzhijan-i-derik-mej-nastapuvaat-vo-detroit-kafepauza.mk

Ова е четврта по ред соработка на „Излет мјузик“, Дерик Меј и Емин Џијан. Првиот настап се случи во Античкиот театар во Охрид заедно со Македонската филхармонија, каде Меј ја презентираше својата електронска музика низ класичен манир, според музичките аранжмани на Џијан. Потоа оваа тројка настапија со Фламанскиот симфониски оркестар во црквата Света Ана во Гент, Белгија, а неодамна и во Париз во прекрасниот парк „Bois de Vincennes“ во рамки на големиот музички фестивал „Weather festival“, каде Меј настапи со симфониска формација од 40 музичари под диригенство на Џијан.

И овој концертот во Детроит ќе биде фузија од електронска и класична музика, фантастични светлосни ефекти, видео и аудио поддршка.

„Концертот во Париз помина фантастично. Публиката буквално ‘урлаше’ по завршетокот на секоја композиција. Навистина убаво чувство и потврда дека ова што го правиме е добро, бидејќи за мене секогаш публиката е таа која одлучува. Се надевам дека и настапот на овој ренимиран музички фестивал во Детроит ќе биде уште едно незаборавно искуство. Фестивал, кој годинава прославува јубилејни 30 години од своето постоење и во чии рамки ќе пее и култната пеачка Арета Френклин“ – изјави Џијан пред самото заминување во САД.

Целиов овој проект започна минатата година под наслов „Музика Универзалис“ кога Меј настапи заедно со Македонската филхармонија во Античкиот театар во Охрид. И тогаш организаторите ветија дека тоа ќе биде почеток на еден циклус од настани, кои ќе дадат нова вредност, не само во нашиот културен живот, туку и на светската сцена.

Дерик Меј е еден од пионерите на техно-сцената во Детроит, а критиката го нарекува Мајлс Дејвис во светот на техно-музиката поради неговиот оригинален, комплексен и меланхоличен стил. Од ладните и безживотни машини, Меј создава топлина, продуховеност и фантастична инспирација. Неговите настапи се познати по тоа што тој има ретка моќ публиката да ја доведе до лудило. Овој негов најнов проект со симфониски оркестар, ја соедини артифициелната музика со благородниот звук на класичните инструменти.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Остави коментар