Дрогериите dm донираа новогодишни пакетчиња за деца од Тетово, Битола и Скопје
Дрогериите dm и годинава традиционално организираа новогодишен караван под мотото „ЗАЕДНО едни за други“ во чии рамки им подарија пакетчиња на деца од три институции во Тетово, Битола и Скопје. Во акцијата беа вклучени учениците и штитениците од: Завод за рехабилитација на деца со оштетен слух глас и говор и други проблеми во развојот „Кочо Рацин“ во Битола; Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Тетово и Здружението за рехабилитација и инклузија на лица со Даунов синдром – дневен центар „Доза среќа“ во Скопје.
Ова е трета година по ред како компанијата работи на голема хуманитарна мисија, а покрај пакетчињата, најмалечките уживаа и во специјално подготвена новогодишна претстава и катчиња за цртање и дружење со вработените во dm.
„Со новогодишни пакетчиња полни со производи од нашите дрогерии и оваа година ја продолжуваме нашата хуманитарна традиција. Покрај Скопје, сакавме да ја прошириме нашата активност и во други градови од земјава, па така одлучивме да вклучиме и институции од Тетово и Битола. Бидејќи при отворање на нашите дрогерии во овие градови дониравме во овие институции, решивме оваа Нова година на децата штитеници од овие центри да им подариме едно убаво празнично изненадување“ – изјавија за оваа прилика од dm.
dm минатата година им додели новогодишни пакетчиња на сите ученици во посебното основно училиште „Златан Сремец“, а дополнително обезбеди и производи потребни за креативните работилници во средното училиште за деца со оштетен слух и говор „Партенија Зографски“ во Скопје.
Во 2017 година, под истата оваа иницијатива, заедно со своите партнери и Црвениот крст на Македонија, dm подели 200 подароци на социјално загрозени и бездомни лица.
„Ние сме компанија која се обидува да придонесе за промени во општеството во кое функционира. Кампањата за укинување на пластичните кеси во сите дрогерии на dm со која на нашите потрошувачи им понудивме и соодветни еколошки алтернативи e само еден од многуте примери, додека новогодишниот караван е традиционална активност со која сакаме да го направиме овој период од годината поубав и посреќен за деца од поранливи категории. Ваквиот тип на општествено корисни активности се наш заштитен знак во текот на целата година“ – појаснуваат од dm.
Компанијата досега има овозможено голем број донации за различни ранливи категории со цел да вложи кон позитивни промени и посочуваат дека во план се уште многу хуманитарни и општествено-корисни активности и во претстојната 2020 година.