Бимилк и УСАИД со заеднички проект за модернизација на малите и средни фарми
Долгогодишната успешна соработка помеѓу Млекара АД Битола и УСАИД во доменот на развој на млекопроизводството беше причина за денешната посета на вршителот на должност амбасадор на САД, Џ. Р. Литлџон, високи претставници на УСАИД и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.
На денешната средба се дискутираше за нивниот трет заеднички проект, во кој Бимилк се јавува како единствен партнер на УСАИД од млечната индустрија. Соработката е во рамките на проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем и всушност се однесува на реконструкција и развој на мали фарми, кои сочинуваат вкупно 92 % од вкупниот број краварски фарми во земјата.
„Почестени сме што организација како што е УСАИД ја препозна Бимилк како релевантен локален партнер за заедничко остварување проекти толку многу значајни за сите заинтересирани страни: фармерите, локалната заедница и млекопроизводството во државата воопшто. Од наша страна презедовме цврста обврска зацртаните заеднички проекти за подобрување на условите за работење и развој на млечните фарми целосно да се комплетираат. Зад нас имаме два успешни проекти, додека, пак, третиот, за кој сме денес овде, ни претстои. Убеден сум дека и овој проект, заедно со УСАИД, успешно ќе го финализираме на општо задоволство“, изјави Ѓорѓи Петрушев, генерален директор на Бимилк.
„Соединетите Американски Држави го поддржуваат развојот на млечната индустрија во Северна Македонија изминатите 25 години, помагајќи им на фармерите да се придвижи од земјоделство за сопствени потреби кон производство на храна за извоз на глобални пазари. Задоволство ми е што ги придружувам министерот за земјоделство, градоначалничката на Могила и директорот на Бимилк за да го сведочиме напредокот на индустријата од прва рака. Овие лидери покажуваат како соработката меѓу јавниот и приватниот сектор може да поттикне инклузивен економски раст. Соединетите Американски Држави се спремни да продолжат да ги поддржуваат овие напори“, изјави Џ. Р. Литлџон, вршител на должност амбасадор на САД во Северна Македонија.
Инаку, досегашната богата соработка помеѓу Бимилк и УСАИД опфаќа имплементација на проектот за инвестиција во подземни системи за наводнување „капка по капка“, а како главни предности се издвојуваат заштедата на вода, пари и време, и проектот за воведување анализа на квалитет на сточната храна со користење уреди NIR (Near Infrared Spectroscopy), кои за првпат се воведуваат во млекопроизводствениот процес во земјата.
„Во текот на остварувањето на заедничките проекти имавме можност да се увериме во ефикасната соработка на УСАИД со локалните партнери, соработка што во точно определена временска рамка и буџет носи успешно завршување на тие проекти. Без нивната несебична заложба, ваквите проекти би се одвивале недоволно брзо и ефикасно. Вака, денес имаме конкретни примери на успешни проекти, како што се инсталирање подземен систем ’капка по капка‘ и набавка на NIR анализатор за сточна храна, кој ни дава право да се надеваме и на понатамошна соработка во блиска иднина што несомнено ќе доведе до побрз развој на индивидуалното млечно говедарство“, изјави Драган Илиевски, директор на суровина во Бимилк.
Во рамките на оваа посета на Бимилк беше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, со што беше потенцирана поддршката за осовременување на малите и средни фарми од страна на министерството.
„Инвестициите во модернизирање на фармите и производството, развивањето на добри кооперантски односи помеѓу млекарниците и фармерите, преку помош за обезбедување на модерна опрема и советодавни услуги, е клучно за развој на млекопроизводството, за поголемо и поконкурентно производство. МЗШВ работи на развој на млекопроизводството преку мерките од Програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Во годинешната Програма за рурален развој се зголеми финансиската поддршка за мерката за набавка на приплоден добиток од 14 милиони денари на 91 милиони денари“, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.